Нова казна за „Мета“, овој пат поради користење на податоците на луѓето за насочување на реклами

фото: Dima Solomin на Unsplash

Компанијата „Мета“ доби казна од 290 милиони евра поради кршење на правилата за податоци на Европската Унија (ЕУ). Ирската комисија за заштита на податоците вели дека начинот на кој „Мета“ барала дозвола да ги користи податоците на луѓето за реклами на Фејсбук и Инстаграм бил незаконски, пренесе Би-би-си.

Компанијата која ги поседува двете платформи има три месеци да го промени начинот на кој ги добива и ги користи податоците на корисниците за насочување на рекламите.

Од „Мета“ одговорија дека се разочарани и дека ќе поднесат жалба, нагласувајќи дека одлуката не го спречува персонализираното рекламирање на платформите.

Ирските регулатори велат дека Фејсбук и Инстаграм не смеат да ги присилат корисниците на согласност со тоа што мора да прифатат како ќе се користат нивните податоци или пак да ги напуштат платформите.

Активистите за заштита на приватноста велат дека одлуката претставува голема победа и значи дека „Мета“ ќе мора да им овозможи избор на корисниците за тоа како нивните податои се користат за насочување на онлајн рекламирањето.

Тоа значи дека „Мета“ можеби ќе треба да го промени начинот на кој функционира клучен дел од бизнисот на компанијата. Најголемиот дел од парите на „Мета“- над 118 милијарди долари во 2021 година, доаѓаа токму од рекламирањето на платформите.

Во ноември, „Мета“ доби казна од 265 милиони евра од страна на ирскиот регулатор поради прекршување на правилата со тоа што личните податоци за стотици милиони корисници на Фејсбук протекоа на Интернет.

„Ајриш Тајмс“ пишува дека „Мета“ издвоила два милијарди евра за покривање на потенцијални казни во Европа во 2023 година.