Нова дојава за бомба во училиштата, по проверките учениците се вратиле на настава

Фото: Мета.мк

Повеќе училишта во Скопје утрово на своите адреси за електронска пошта добиле нова дојава за поставена бомба. Ова е дванаесетта по ред дојава за поставен експлозив која се испраќа во образовни институции. До сега сите беа лажни. Денешната закана пристигнала во училиштата: „Владо Тасевски“, „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Никола Карев“ и „Михајло Пупин“.

„По дојавата, учениците беа евакуирани. Откако завршија проверките, се вративме на работа, а учениците на настава“, вели за Мета.мк Александар Сибиновски, директорот на „Владо Тасевски“.

Како што информира тој, наставата се одработува тековно, односно професорите наоѓаат начин по или пред часовите да го одработат пропуштеното. Истото за Мета.мк го соопшти и Јован Петрески, директор на гимназијата „Панче Арсовски“, каде што исто така во неколку наврати имаше дојави за бомби.

Во средата, дојава за бомба добија девет училишта и Народната банка. Во содржината на мејлот до која дојде Мета.мк, а која беше испратена до училиштата, испраќачот, потпишан како „Levitsa Objava“, напишал дека целта е уништување на училишната зграда, а има и закана дека ќе ја срушат Владата на РСМ без дополнителни детали на што точно се мисли.

Досега за сите дојави се утврди дедка се лажни. Прв пат дојава за бомба во училишта стигна на 26 октовмри. Секоја содржина на испратените мејлови беше различна од претходната. Во еден од мејловите испраќачот бараше поткуп, во друг имаше прикачено вознемирувачка фотографија со бомби, во трета пак, имаше цитат од шегата на Путин. На 1 декември за прв пат се случи дојава за бомба да добијат и училишта за основно образование во земјава. Стануваше збор за „Кочо Рацин“ и „Петар Поп Арсов“, а ден потоа, дојава доби и училиште во Крива Паланка, па следуваа училишта во Кавадарци.

На почетокот на декември, еден малолетник призна дека тој лично испратил една од заканите за поставена бомба во четири средни училишта, но Министерството за внатрешни работи до сега не покажа резултати во откривањето на заканувачите. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски ги окарактеризира лажните дојави како хибриден напад.

Она што е симптоматично е дека лажните закани за бомби пристигнуваат кога се на смена истите ученици, поради што тие редовно губеа настава. Образовните експерти коментираат дека на тој начин се создаваат оштетени генерации имајќи го предвид неодамнешниот протест на просветните работници кога немаше настава, а и пандемијата со ковид-19 кога наставата се одвиваше онлајн.