Нова дигитална платформа „Час за час“: Плати за извршена услуга со време, наместо со пари

Здружението на граѓани „Младите можат“, преку „креатонот“ на Фондот за иновација и технолошки развој, изработи нова дигитална платформа која што ќе им помогне на граѓаните меѓусебно да ги споделуваат работите што уживаат да ги прават, притоа користејќи го времето, наместо пари, како ресурс.

„Трошите еден час време за да му помогнете или да споделите знаење со некој друг преку вештините што вие ги поседувате, а за возврат заработувате кредит од еден час која оди во вашата временска банка. Сега вие можете да го потрошите заработениот кредит од еден час за услуга што вас ќе ви е потребна и можете да ја добиете од еден час од нечие време,“ информираат од Здружението.

Од таму додаваат дека секој час се цени исто, без разлика на извршената услуга.

„Временските банки во денешни услови, во значителен размер не би биле можни без дигитализација, поточно платформа која ги прибира сите информации за часовите што секој член на банката има потреба или може да ги обезбеди. Токму затоа, „Младите можат“ ја лансираше дигиталната платформа chaszachas.mk која е бесплатна и достапна за сите и која ги следи часовите што членовите на банката ги заработуваат и трошат. Платформата, која беше пуштена во употреба минатата недела, веќе брои голем број на активни членови и предизвикувачки услуги за своите корисници,“ додаваат од таму.

Проектот е поддржан од Фондот за иновација и техонолошки развој (ФИТР) како дел од Креатонот наменет за идеи кои имаат за цел да ги олеснат условите за време на пандемијата настаната од Ковид-19.