Грчката опозициска партија Нова демократија ја критикуваше македонската одлука за подигнување ограда на границата со Грција на европско ниво. Европратеничката на десничарската партија, Марија Спираки, упати прашање до Европската комисија дали одлуката за кревање ограда е во согласност со насоките на ЕУ за справување со бегалската криза.
Спираки оди и понатаму, барајќи да ѝ се објасни дали, можеби, оградата е подигната и со средства од европските фондови.
„Дали Комисијата ќе потврди дека за штитење на границите на БЈРМ се користат и европски пари? Дали Комисијата смета дека кревањето ограда на границите со Грција е во согласност со духот на процесот на интеграција и за влез во ЕУ и користење на европски фондови за оваа цел?“, прашува Спираки во дописот до Комисијата.
Европратеничката бара и објаснување дали Комисијата ќе преземе некакви активности за да се спречи трошењето европски пари за цел која не е дел од европската стратегија за справување со бегалците.
Спираки ќе го посети наскоро Скопје како дел од Мешовитиот комитет на ЕУ и Македонија.