Јоргос Кумуцакос, надлежниот за надворешна политика во најголемата грчка опозициска партија Нова демократија, пред членовите на Комисијата за национална одбрана и надворешни прашања во грчкиот Парламент рече дека неговата партија нема да гласа за ратификација на Протоколот за членство во НАТО

-Не гласаме за протоколот за влез на Скопје во НАТО, бидејќи тоа е она што формално произлегува од договорот, кој јасно е дека е штетен, бидејќи тоа е првиот договор, историски, во кој Грција дава нејзина согласност, нејзин потпис во прифаќањето дека постои наводен македонски јазик и македонска националност. Комбинацијата на името Северна Македонија со прифаќањето од Грција дека постои наводен македонски јазик и националност е основа за развој на на пост-преспанскиот иредентизам на Балканот – рече пратеникот.

Кумуцакос порача дека Договорот од Преспа не е балансиран, а „грчкиот народ никогаш нема да го засака“.

-Овој договор, интеграцијата во НАТО е првиот материјален, опиплив, конкретен, позитивен резултат за Скопје. Тие, веќе започнаа да имаат опипливи, позитивни резултати од Договорот од Преспа. И ќе следи исто така обврска на Грција, поддршка за почеток на процесот на интеграција во Европската Унија. Што имаат Грците материјално, позитивно од ратификацијата на овој договор? Ова е главното прашање на кое треба да одговорите – порача Кумуцакос.

Надлежниот за надворешна политика во Неа демократиа се осврна и на „следниот ден по членството во НАТО“, запрашувајќи се каков би бил ставот и на чија страна би било Скопје во случај на несогласувања меѓу Атина и Анкара за одредено прашање.