Фото: Арбнора Мемети

Нова аудио снимка денеска беше објавена на Јутјуб на профилот со корисничко име „Рекет“, во која се слушаат гласовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и Зоран Милески-Кичеец, кој е еден од осудените лица во случајот „Рекет“.

Објавениот дел од разговорот трае 23 секунди, а Милески и Мицкоски се чини дека разговараат за начинот на кој бил платен организиран автобуски превоз за протестот на ВМРО-ДПМНЕ пред две години, летото 2018 година.

„Најди си лик, не знам, имал тој некој пријател добар, нешто ваму-таму, ја ќе појдам само да не појдит Сашо, никако во партија да не влезит, тие се муабетите“, му вели Зоран Милески-Кичеец на Мицкоски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му одговара на Кичеец: „Сашо никогаш не дојде во партија, скршен од мака. Сашо даде два пати по 5.000 евра за автобусите за 2 јуни кога беше нели, тоа е од Сашо донацијата“. По ова, Кичеец кратко му одговара: „Ја ќе ви кажам нешто“, по што снимката е прекината.

Станува збор за трета аудио снимка што е објавена на овој Јутјуб профил во изминативе три дена.

Во вчерашната аудио снимка, во разговорот меѓу Мицкоски, Кичеец и женски глас се зборува за одредена личност за која Мицкоски вели дека му е многу благодарен бидејќи му помогнал кога тој дошол на чело на партијата. Мицкоски посочува исто така дека сакал да се види со извесната личност нo никако не можеле да договорат средба. Во вториот дел од разговорот тие разговараат за Законот за јавното обвинителство и за одреден предмет кој сè уште не е завршен.

Во првичната објавена снимка, Мицкоски во разговор со Кичеец вели дека се сомнева дека кога одел на средба со бизнисменот Орце Камчев му бил сликан автомобилот, а во тоа време Камчев бил под посебни истражни мерки. Мицкоски ја потврди првата снимка како автентична, но нагласи дека со Кичеец се сретнувал пред да биде отворен случајот „Рекет“.