Директорот на средното училиште „Таки Даскало“ од Битола, во текот на учебната 2015/2016 исплатил повеќе пари на превозник отколку што реално требало и затоа доби кривична пријава од СВР Битола за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според полицијата В.Т.(52) од Битола, иако од благајникот му било предочено дека во пристигнатите фактури и списоци за превоз на ученици, бројот на ученици е поголем од реалниот број на ученици коишто го користат превозот, не ги вратил фактурите и списоците кај превозниците за корекција и исплатил 105.789 денари.
Со тоа овозможил незаконска заработка од 73.991 денари за „Џем Турист“ ДООЕЛ, 25.428 денари за Лука Експрес ДООЕЛ и 6.370 денари на Гопеш Транс ДООЕЛ, вели СВР Битола.
Злоупотребите направени со превоз на ученици, „тешки“ 360.000 евра се предмет на случаите „Транспортер“ на СЈО и на „Транспортер 2“ на Основното јавно обвинителство – Битола. Вториот случај се однесува на периодот во кој директорот на „Таки Даскало“ ги исплатил парите за непревезени ученици.