fbpx

Нов руски напад со дронови во Украина, еден загинат и четворица повредени во Хмелницки

На фронтот најжестоки борби се регистрирани во Донецкиот и Луханскиот регион. Украинската војска соопшти дека во последните 24 часа загинале 560 руски војници

-

Русија во текот на ноќта изврши нов напад со камикази-дронови на Украина, при што во градот Хмелницки во централниот дел на земјата едно лице загина, а четворица се повредени, пренесува Укринформ.

Во Хмелницки имало три експлозии како резултат на нападот со дронови. Генералштабот на украинската армија информира дека ноќта меѓу 26 и 27 февруари биле лансирани 14 дронови од иранско производство, а украинската противвоздушна одбрана успеала да собори 11.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши Едуард Москалиев од должноста врховен командант на украинската војска, јавува Укринформ. Москалиев беше именуван на оваа функција кон крајот на март 2022 година. Неговото разрешување следи по две недели откако претходно, на 11 февруари, Зеленски го разреши Руслан Џиуба од позицијата заменик-командант на украинската национална гарда. Причините за разрешување од должноста на овие високи воени лица засега не се соопштуваат.

Инаку, на првите линии на фронтот во Украина продолжија воените дејствија и во текот на изминатото деноноќие. Најжестоки борби се регистрирани во Донецкиот и Луханскиот регион. Украинската војска соопшти дека во последните 24 часа на фронтот загинале 560 руски војници, со што бројот на елиминирани руски сили од почетокот на воената агресија на 24 февруари лани се искачил на 148.690, пишува Укринформ. Овие податоците не можат да се потврдат и од независен извор.

Белоруската опозиција во егзил денеска информираше дека партизани со помош на дронови успеале да уништат руски воен авион на аеродром во близина на белорускиот главен град Минск, пренесува Гардијан. Франак Виачорка, советник на белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја на Твитер напиша дека била спроведена успешна операција за разнесување на редок руски авион на аеродромот Мачулишчи.

Двајца Белоруси ја извршиле мисијата со дрон и тие веќе ја напуштиле Белорусија и се наоѓаат на безбедно место. Станува збор за најуспешна диверзантска акција во Белорусија од почетокот на 2022 година. Од нападот биле оштетени предните и централните делови на авионот „Бериев А-50“, кој служи како воздушно летало за рано предупредување и има можност да следи до 60 цели истовремено. Белорусија под режимот на Александар Лукашенко е единствената европска земја, која ѝ овозможи од нејзината територија на Русија да извршува воени дејствија врз Украина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...