Нови внатрешни несогласувања ја тресат партијата на грчките социјалисти – ПАСОК, по предлогот на поранешниот премиер и лидер на партијата, Јоргос Папандреу, партијата да се рестартира и да се распише нов конгрес за да се избере нов претседател на социјалистите.
Предлогот на Папандреу дојде еден ден по средбата со актуелниот лидер на ПАСОК и министер за надворешни работи, Евангелос Венизелос. Причината е отвореното несогласување на поранешниот премиер со начинот на кој Венизелос ја води партијата и предлогот на актуелниот лидер на партијата да се формира нова широка коалиција на левиот центар, која би била предводена од ПАСОК.
Ваков обид имаше за евроизборите кога ПАСОК учествуваше во коалицијата на левиот центар „Маслинка“. Венизелос за овој предлог доби поддршка од претходникот на Папандреу, поранешниот премиер Костас Симитис.
ПАСОК преку соопштение целосно го отфрли барањето на Папандреу, индиректно обвинувајќи го за обид да создаде дестабилизација и во партијата и во владата во критичен период на преговори со „тројката“ и обид државата конечно посериозно да застане на нозе.
– Нема да дозволиме никој да го разниша патот на кој се движат партијата и државата – стои во соопштението од канцеларијата за односи со јавноста на ПАСОК.
Како што се вели во соопштението, од ПАСОК одбиваат да прифатат мизерни обиди за внатрешно затворање на партијата, посочувајќи дека сè уште се справуваат со последиците од раководење со партијата од страна на Папандреу во екот на финансиската криза и формирањето на трипартиската преодна влада со Нова демократија и со ЛАОС.
Ваквиот развој на настаните одново го истакна вечното ривалство меѓу Папандреу и Венизелос во ПАСОК, кое кулминираше во 2007 година кога Папандреу победи на внатршените избори во партијата. Двајцата политичари ги закопаа секирите само откако поранешниот премиер во 2011 го назначи Венизелос за министер за финансии, со што му ја даде најважната улога во државата во екот на финансиската криза. Помирувањето не траеше долго, особено по истиснувањето на Папандреу од премиерското и од лидерското столче во ПАСОК.
Грчкиот печат оценува дека предлогот на Папандреу ги претставува ставовите на дел од сегашните и поранешните функционери на партијата на грчките социјалисти кои не се согласуваат со начинот на кој Венизелос ја раководи партијата, сметајќи дека наместо да делува посамостојно станува марионета во рацете на коалицискиот партнер Нова демократија.
Внатрешните несогласувања се смета дека не и одат во корист на партијата која се обидува на секаков начин да го подобри разнишаниот имиџ и да успее на потенцијалните предвремени избори да обезбеди пристоен број пратеници за поголема моќ и влијание во новиот состав на грчкиот парламент.
М.П.