fbpx

Нов протест на средношколците во 17 часот пред МОН, бојкотот продолжува

-

„Средношколски пленум“ ги повика сите средношколци, родители и загрижени граѓани на протест во 17 часот пред МОН за да им покажат на надлежните дека не се откажале од нивната цел. Тие велат дека од понеделник ќе се вратат еден ден на настава за да им се ресетираат 25 дена дозволено отсуство. Средношколците го поканија министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, в понеделник, во 13 часот, да оствари средба со нив.

– Нашите барање се цврсти и остануваме на нив. Овде сме на средношколски фронт и на сонце и на дожд и остануваме цврсти на она што е нашата цел, а тоа е подобро образование за сите. Од понеделник е 25. ден од бојкотот и ќе одиме со ресетирање на бојкотот, односно враќање на еден ден во училишта, па потоа повторно со бојкот на наставата. Во меѓувреме, средношколскиот камп продолжува. Притосоци имаме од одредени професори и директори за да се вратиме на настава, кои ни велат дека ќе има казни за родителите, дека нема да завршиме година и ќе одиме на класен испит. В понеделник, во 13 часот, го повикувам министерот Адеми заедно со неговиот заменик Ристовски да дојдат во средношколскиот камп за да оствариме уште една средба и да видиме што може да се договориме – вели Александар Милески од „Средношколски пленум“.

Од „Родителски пленум“ велат дека по истекот на 25. ден не гледаат правна можност да дојде до исклучување на учениците од училиштата затоа што средното образование е задолжително и затоа што нивното отсуство не е неоправдано.

– Ние, родителите, со жалење констатираме дека средбите помеѓу средношколците и надлежните не можат да се наречат ниту разговори, а не преговори. Ние предлагаме овие досегашни средби да се прогласат за неуспешни пилот-преговори, а на поканата на децата тие навистина да дојдат и јавно да ја водат таа дебата за поквалитетно образование. Оваа Влада прокламира политики на креативност и на иновативност и тоа е за поздравување, но образовната политика која се обидува да ги смести децата во некое тесно калапче и од нив да направи, највулгарно да кажам, роботчиња, што ќе меморираат само информации и тоа меморирање да се проверува на екстерно тестирање, нема да доведе до луѓе кои ќе бидат способни да ја носат оваа политика на иновативност или ќе ги наведе децата да одат во земји каде ќе бидат почитувани и како граѓани и каде што нивната креативност ќе може да дојде до израз – вели Јасна Шоптрајанова од „Родителски пленум“.

За обвинувањата на премиерот Груевски дека родителите што го поддржуваат бојкотот на средношколците се партиски определени, тие велат дека и оние родители кои се партиски и оние кои не се партиски ориентирани, ги имаат своите деца како врвен приоритет во својот живот и не би ги жртвувале заради ниедна партија. Родителите ја повикаа и Владата да не ги жртвува децата, туку сериозно да ги земе предвид нивните аргументи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...