Во периодот од 5 до 9 октомври, пријавен е нов сомнителен случај на мали сипаници. Пациентот за време на инкубација престојувал во странство и припаѓа на возрасната група од 20 – 29 години. Лабораториските испитувања се во тек, информираа во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Од денот на појавата на нов случај, почнуваат да се бројат нови 42 дена кои е потребно да поминат, за да има основа да биде прогласен крај на епидемијата. Дотогаш, сè уште ќе трае епидемијатта на мали сипаници на цела територија на државата.

Заклучно со 10 октомври, вкупниот број на регистрирани случаи на мали сипаници во државата изнесува 1.900 лица.

„Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 24 градови, најголем број се регистрирани во Скопје – 997. Возраста на заболените се движи од 1 месец до 63 години. Најголем број на заболени се на возраст над 30 години – 852 (44,9 отсто).  Според вакциналниот статус, 1.529 (80,5 отсто) од заболените се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус“, информираат во ИЈЗ.

Д-р Владимир Микиќ, претседателот на Комисијата за заразни болести, за „Мета.мк“ неодамна предупреди токму на ова, односно дека може да се случи да се појави нов случај кој ќе го пролонгира прогласувањето крај на епидемијата.

– За ставање на одлуката за епидемија вон сила, треба да имаме и законска и епидемиолошка основа. Генеално, опфатот со вакцинација на деца е над 98 отсто, што е добар процент – вели д-р Микиќ.

За професорката Александра Грозданова, претседателката на Националниот комитет за имунизација, успех е што повеќе од еден месец немаше пријавено нов случај на заболено лице со мали сипаници.

– Тоа значи сè е в ред, децата се извакцинираа и ситуацијата со новозаболени деца почна да се менува од април наваму, кога почна задолжителнната имунизација. Ова покажува дека мерката беше на место, ние сега во училиштата и во градинките немаме морбили, без оглед на тоа колку таа мерка на забрана беше непопуларна – рече Грозданова.