Нов македонски рекорд во скок во далечина, Трајковски брилираше во Данска

Андреас Трајковски, фото: ИДЕА ЛАБ

Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски постави нов национален рекорд во скок во далечина во сала, со резултат од 7 метри и 65 сантиметри, што е за 32 сантиметри подобар од претходниот рекорд на отвореното првенство во Скиве, Данска, кое се одржа викендов.

Покрај во скок во далечина Андреас настапи и на трката на 60 метри каде го постави своето најдобро време за оваа сезона, со резултат од 6.90 секунди, ова време е само за една стотинка послабо од неговиот личен рекорд кој изнесува 6.89 секунди, односно само за 4 стотинки од македонскиот рекорд 6.86 секунди.

Трајковски на оваа трка постави неофицијален светски рекорд во најбрза реакција од стратен блок. Според правилата на Светската Атлетска Федерација (WA), времето на реакција- измерено од сензори во стартниот пиштол и на стартните блокови, доколку е помало од 0,100ms покажува дека тркачот предвреме ја стартувал својата трка и со тоа ќе биде дисквалификуван. Нашиот атлетичар Андреас и во две трки на 60 метри (квалификации и финале) имаше реакција од 0.100ms.

Неофицијалниот светски рекорд за најбрза реакција на старт ја имал атлетичарот Бруно Сурин од Канада во полуфиналната трка на 100 метри на Светското првенство во Севиља 1999 година, каде неговата реакција била 0.101ms.

Андреас, кој пред еден месец доби дозвола од Светската Атлетска Федерација да настапува под боите и знамето на Македонија, а претходно настапуваше за Данска, – на 5 март (сабота) ќе го има својот прв настап за Македонската атлетска репрезентација на Балканијадата во сала, која ќе се оддржи во Истанбул, Турција.

„Многу сум задоволен со подобрување на националниот рекорд во скок во далечина, моментално сум во одлична форма и во наредниот период ќе пробам да ја искористам добрата форма за подобрување на моите резултати оваа сезона. Се радувам на моето прво учество под знамето на Македонија на престојната Балканијада во Истанбул и се надевам дека ќе успеам да направам добар резултат,“- изјави Андреас Трајковски

На Балканијадата во сала Трајковски ќе настапи во скок во далечина и на трката на 60 метри. Покрај Андреас во Истанбул боите на Македонија ќе ги бранат и Дарио Ивановски (АК Делта) на трката на 3000 метри и Јован Стојоски (АК Охрид) на трката на 400 метри.