По промената на подизведувачите и отпочнувањето со препроектирање на оние сегменти што се покажаа како изоставени или неизводливи за градба, автопатот Кичево – Охрид вчера од Собранието доби амин и за ново задолжување на државата од 180 милиони долари за завршување на делницата долга 57 километри. Пратениците од власта и опозицијата го поддржаа законот, со кој државата ќе гарантира за враќање на новиот заем подигнат од кинеската Ексим банка.
На Кинезите ќе треба да им го вратиме кредитот во рок од 20 години, со вклучен грејс период од пет години и со фиксна каматна стапка од 2 проценти годишно. Дополнително, кинеската компанија „Синохидро“ останува главен изведувач на автопатот, додека македонските фирми ќе бидат подизведувачи. Со новиот кредит, актуелната цена на автопатот ќе се искачи на речиси 600 милиони евра, односно за изведба на еден километар автопат е предвидено да се потрошат нешто над 10 милиони евра.
Новиот кредит од 180 милиони долари ќе се искористи за изградба на деветте клучки за поврзување на околните населени места со автопатот. Дополнително, Кинезите ќе го градат алтернативниот пат од Пресека до Арбиново, ќе ги отстранат сите слабости околу изведбата на тунелот „Пресека“, како и најважното – ќе ги санираат сите косини на кои се појавени свлечишта за да се овозможи безбедност на сообраќајот во иднина.
Во изминатиов период имаше послаб интензитет на изведба на автопатот Кичево – Охрид, поради потребата од препроектирање на автопатот, појавените свлечишта на патот и неповлечените средства од првиот кредит во износ од околу 200 милиони евра. Владата летово склучи анекс со Кинезите, којшто овозможи оваа сума од првичниот кредит да се повлече и да се искористи за изведба на оние сегменти од автопатот што не се спорни.
Досега се завршени над 75 отсто од градежни работи на автопатот Кичево – Охрид, а пробиени се 96 отсто од трасата. До септември 2020 година треба да заврши докомплетирањето на проектната документација за автопатот. Владата веќе вети дека догодина ќе се пуштат во употреба десетина километри од делницата. Крајниот рок за комплетно завршување на автопатот е 30 јуни 2021 година.