Грчките работнички синдикати денеска излегуваат на 24-часовен штрајк во Грција во знак на незадоволство од владините мерки за штедење. Членовите на двата најголеми работнички синдикати, АДЕДИ и ГСЕЕ, и синдикатот на Комунистичката партија, ќе ја парализираат работата на јавната администрација и ќе ги исполнат улиците на Атина со барање владата да не дозволи да поминат мерките, кои ќе ги влошат работничките права.
Кон штрајкот се приклучува целата јавна администрација, вработените во јавниот транспорт, кој делумно ќе биде во прекин денеска во Атина, адвокатите, професорите, вработените во јавните здравствени установи, кои ќе работат само со обезбедување и за итни случаи. Во целосен прекин ќе бидат железничкиот и водниот сообраќај.
Комунистичкиот синдикат ги повикува сите трговци во Атина да ги затворат продавниците и да се приклучат на протестот во знак на револт кон политиката на владата и непочитувањето на работничките права.
Вчера штрајкуваа сите грчки новинари, поради што во државата владееше апсолутен медиумски мрак во Грција.
Со генералниот штрајк се отвора поглавјето на жестоки декемвриски протести во Атина, кои се очекува да кулминираат за време на протестот во чест на загинатиот Александрос Григоропулос.