Агенцијата за администрација во изминативе неколку дена објави огласи за вработување на четириесетина лица во неколку државни институции.

Објавен е оглас за вработување на 10 државни службеници во Министерство за труд и социјална политика – Државен инспекторат за труд. Се бараат кандидати за советници, помлади инспектори, помошници инспектори, соработници, помлади соработници, а платите се движат до 26.253 денари.

Агенцијата за администрација објави оглас за вработување на 8 државни службеници во Министерство за образование и наука – Биро за развој на образованието. Во огласот се бараат советници, виш референт и помлад соработник. Платите во зависност од работното место се движат до 25.000 денари.

Распишан е оглас за вработување на 3 државни службеници во канцеларијата на претседателот на македонската Влада. Во него се бараат кандидати за самостоен референт за протокол при одржување на протоколарни средби за плата од 15.663 денари, помлад соработник за организација на активности помеѓу домашни компании и институции за плата од 20.961 денари и советник за нормативно правни работи за плата од 24.997 денари.

Агенцијата за администрација објави и оглас за вработување на 16 државни службеници во македонското Собрание. Се бараат лица за раководители, помошници раководители, советници, соработници и помлади соработници. Платите се движат до 31.342 денари.

Објавен е оглас за вработување на 6 државни службеници во Министерство за здравство – Државен санитарен и здравствен инспекторат. Во огласот се бараат пет кандидати за помлади санитарно-здравствени инспектори и тоа за подрачните единици во Тетово, Гевгелија, Кисела Вода, Битола и Чаир, како и еден самостоен референт за прибирање податоци.