НМСМ се повлекува од партнерството со Град Скопје за кандидатурата за Европска младинска престолнина 2027 година

Апелираат до преставниците на локалните и националните институции активно да се вложат во обезбедување на услови за суштинско младинско учество и заеднички со младите да креираат програми и политики кои одговараат на нивните вистински потреби и во ваквите процеси целосно им стоиме на располагање

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) се повлекува од партнерството со Град Скопје за кандидатурата на Град Скопје за Европска младинска престолнина 2027 година.

Како што велат оттаму, до одлуката дошле по неколку обиди да стапат во контакт со претставниците на градот, кои требало со советот да ја презентираат кандидатурата на градот пред жири комисијата за Европска младинска престолнина.

„Неуспехот да стапиме во контакт и на самиот почеток да воспоставиме одржливо партнерство само ни покажа дека градот не е суштински посветен на младите и кандидирањето за оваа титула не е мотивирано од вистинските потреба за поставување на младите високо на листата на приоритети. Овој заклучок дополнително ни се потврдува со фактот дека градот не покажа доволно посветеност за надминување на препреките за формирање на локален младински совет, усвојување на локална стратегија за млади, ниту пак отварање на младински центар, дел од механизмите кои се основа и на самата кандидатура за Европска младинска престолнина 2027“, пишува во соопшението.

Апелираат до преставниците на локалните и националните институции активно да се вложат во обезбедување на услови за суштинско младинско учество и заеднички со младите да креираат програми и политики кои одговараат на нивните вистински потреби и во ваквите процеси целосно им стоиме на располагање.

Велат дека и покрај овој резултат, НМСМ ќе продолжи да бара поддршка и да вложува напори визијата која ја имаме за Скопје да стане реалност, активно да ги поддржува младите и да застапува пред институциите за политики кои ги адресираат нивните приоритети и обезбедуваат зголемен младински стандард и квалитет на живот.