Фото: Glenn Carstens Peters, Unsplash

Со цел да се олесни процесот на евиденција на невработените лица, како и пристапот до правата во случај на невработеност, Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) преку иницијатива предлага да се дигитализира постапката.

„Потребно е прво да се додаде услугата „Евидентирање на невработено лице“ на порталот uslugi.gov.mk. Ова ќе им овозможи на невработените лица лесно да добијат пристап до информации за потребните документи, рокови, услови и надлежни институции за нивното евидентирање како невработени“ стои во иницијативата.

Од НМСМ сметаат дека треба да се воведе можност за електронско пријавување на невработените лица, а со оглед на тоа што Агенцијата за вработување веќе располага со информации за лицата кои се пријавени во задолжителното социјално осигурување, не би можело лицата кои се вработени да се евидентираат како невработени и да користат права во случај на невработеност и шансите за злоупотреба на оваа можност се минимални.

Во насока на намалување на шансите за изигрување на системот, за оние кои се пријавуваат електронски, од НМСМ предлагаат да се воведе следење на времето кое го поминале најавени на нивниот профил на електронскиот систем на Агенцијата за вработување во ажурирање на својата кратка биографија, следење на активните огласи и комуникација со огласувачите. Доколку ова време е под минимумот што би се утврдил, лицето може да се избрише од евиденцијата на невработени.

Инаку во согласност со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност „невработено лице е лице кое не е вработено, активно бара работа и ги исполнува условите предвидени со овој закон“. Според истиот закон, невработеното лице е должно лично да се јавува во Агенцијата на секои 30 дена и да докаже дека активно барало работа во последниот месец. Невработеното лице се воведува во евиденцијата на невработените лица во Центарот за вработување на чие подрачје има постојано место на живеење.

„Тоа претставува голем проблем за невработените затоа што ги изложува на значителни трошоци на време и парични средства и дополнително, во време на пандемија, може да биде и опасно по здравјето и за невработените, но и за вработените во АВРСМ“ велат од НМСМ.

Дополнително, доколку настапи неможност за завршување на обврската за пријавување во определениот рок, лицето ги губи сите права во случај на невработеност и нема право да се пријави во Агенцијата една година потоа.