НМС доделува Награда за младинско учество за млади кои што направиле позитивни промени во заедницата

Фото: НМСМ

Во рамки на проектот на УСАИД за граѓанско учество (Civic Engagement Project-North Macedonia), Националниот младински совет доделува Награда за младинско учество за млади кои што направиле позитивни промени во заедницата или во општеството изминатата година, односно во периодот јануари 2019 – јули 2020 година.

Сите поединци, институции, медиуми, бизниси или членови на заедницата можат да поднесат номинација за индивидуална млада личност која била активна во нивната заедница или се занимавала со тема од јавен интерес, како и да номинираат неформална група или формална организација која ги промовира младите да бидат граѓански ангажирани или активни во својата заедница.

„Признавањето на нечие достигнување ќе ги инспирира другите да го следат нивниот пример“ велат од Националниот младински совет.

Со проектот предвидени се шест награди за младински граѓански ангажмани на успешни млади мажи и жени (од 18 до 29 години), неформални младински групи (составени од најмалку три члена) и младински граѓански организации кои покажале заложба за подобрување на животот на нивната заедница или во општеството со преземање активности што се однесуваат на прашања од јавен интерес во Северна Македонија.

На победниците ќе им бидат доделени грантови за поддршка во напредокот на нивната граѓанска ангажираност. За таа цел, тие ќе треба да достават краток концепт кој дава преглед на нивните цели и потреби. По 1.500 американски долари ќе добијат победниците од индивидуалната категорија, 2.500 долари се предвидени за неформалните младински групи и 2.500 долари за младинските граѓански организации.

„Со наградите за младинско учество ќе се препознаат иницијативите на младите кои покажаа јасна визија за подобрувања на заедницата, исклучителна креативност, иновации и лидерство во дефинирање и решавање на прашања од јавен интерес или дадоа опипливи резултати во подобрување на благосостојбата на заедницата или општеството, како резултат на постапките на номинираниот“ се вели во повикот на НМС.

Рокот за номинирање е 20 јули, 2020 година, а повеќе детали може да прочитате тука.