Ако внимателно се прегледаат фотографиите на повеќе светски лидери со американскиот претседател и првата дама, Доналд и Меланија Трамп, може да се забележат мали, но значајни разлики во држењето на телото, како и на облеката и косата на Меланија. Исто така има и фотографии на кои може да се види дека некои премиери и претседатели со истата облека се снимени од други агли и позиции во сосема друга поза, што покажува дека Доналд и Меланија Трамп навистина биле присутни на официјалните фотосесии. Дека фотографиите се автентични потврди и официјалниот фотограф на Белата куќа, Даниел Торок преку својот профил на Х (поранешен Твитер), пишува Вистиномер во написот кој во продолжение го пренесуваме во целост.
Изминативе денови циркулираа повеќе вести и објави (на пример: тука, тука и тука) дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за време на 80. Генерално собрание на Обединетите нации (UNGA) се сликала со восочни фигури на американскиот претседател и првата дама, Доналд и Меланија Трамп. Односно, спротивно на она што го пишува Сиљановска-Давкова во објавата, се тврди дека претседателката, всушност не сретнала на Трамп.
Подоцна во текот на денот, Сиљановска-Давкова ги демантираше тврдењата дека таа се сликала со восочни фигури од претседателот и првата дама на САД.
Но од каде доаѓа конфузијата и што всушност се случило на маргините на Генералното собрание на ОН?
Најнапред, тврдењето дека станува збор за восочни фигури со кои се сликале светските лидер, на интернетот е познато како „Trump Waxgate“, и од тоа не беа поштедени и други претседатели и премиери.
Она што треба веднаш да се потенцира е фактот што повеќе светски лидери се фотографирале со претседателот и првата дама Меланија Трамп. И, навистина, во некои од фотографиите со нив претседателот и првата дама ја имаат заземено истата поза.
На пример, Независен го пренесуваат демантот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој се најде во истата ситуација како и Сиљановска-Давкова. Фотографии од средбата може да се најдат тука.
Исто така, може да се најдат фотографии од средбите на Трамп и претседателката на Косово Вјоса Османи, премиерот на Фиџи Ситивени Рабука, претседателот на Украина Володомир Зеленски, претседателот на Парагвај Сантјаго Пења, претседателот на Гвајана Ифран Али, претседателот на Грузија Михаил Кавелашвили, претседателот на Латвија Едгарс Ринкевичс, итн.
Но, она што укажува дека не станува збор за восочни фигури е фактот што има и други фотографии каде може да се види дека претседателот Трамп и првата дама имаат сосема друга поза, а се облечени во истата облека и стојат пред истата позадина. Таков е примерот со новиот претседател на Сирија Ахмед ал-Шара:
Syrian President al-Sharaa meets Trump at UN, frames Syria’s story as “good vs evil” in defining speech. Vows justice, reconstruction, and warns Israel against exploiting transition.
🔗: https://t.co/ou41SZSBLO pic.twitter.com/F9wsLV1IHu— Kurdistan 24 English (@K24English) September 25, 2025
Потоа оваа фотографија со премиерот на Јапонија Шигеру Ишиба во која може да се види како се ракуваат еден со друг.
Scenes from when Prime Minister Ishiba met with U.S. President Trump and First Lady Melania Trump. (Photo courtesy of the White House) https://t.co/LOtipJ0L45 pic.twitter.com/pscgIZC99J
— PM’s Office of Japan (@JPN_PMO) September 27, 2025
Како и „селфито“ на премиерот на Австралија, Ентони Албанезе со претседателот Трамп:
View this post on Instagram
Дополнително, може да се забележат мали, но значајни разлики во самите фотографии за кои се тврди дека Доналд и Меланија Трамп се восочни фигури, а не самите тие. На пример, такви разлики се видливи на фотографиите со претседателот на Украина и претседателката на Косово.


Може да се забележи дека висината на десната рака на Трамп е малку пониско спуштена на фотографијата со Зеленски, и затоа се гледа и дека фалтите во делот од надлактицата имаат поинаков изглед. Исто така, може да се примети дека левата ногавица од панталоните, во пределот над коленото не е превиткана како на фотографијата со претседателката Османи. Кај првата дама Меланија Трамп, пак, може да се забележи како ѝ се малку поместени прамените од косата. Доколку се работи за восочни фигури не би имало никаква разлика од една до друга фотографија.
Не само тоа, туку како што пишуваат колегите од Еленика Хоуксес, на фотографиите oсвен разликите забележани кај претседателот и првата дама Трамп, значајни разлики може да се приметат и на јажето и знамето на САД кое го носи претседателскиот печат, како и на завесата во позадина.
Потврда од фотографот на Белата куќа
За оваа недоразбирање и мисинформација одговори и официјалниот фотограф на Белата куќа, Даниел Торок, кој потврди преку својот профил на Х (поранешен Твитер) дека фотографиите се автентични.
Во преписка со друг корисник на „Х“ којшто му пишува на фотографот Торок „на интернет има над 20 слики што ги прикажуваат претседателот Трамп и Меланија во нешто што изгледа како потполно иста поза со различни светски лидери – идентична положба, осветлување, дури и сенки“, и го прашува „Дали сите овие снимки се автентични или некои се дигитално креирани за официјални цели?“, Торок одговара: „Не, тие [Доналд и Меланија Трамп] стоеја во една соба, а лидерите влегуваа внатре за да се фотографираат.“
No. They stood in a room and the leaders each came in for photo opportunities. And thank you :)
— Daniel Torok (@dto_rok) September 28, 2025
Дезинформирање со помош на ВИ
На социјалните медиуми исто така циркулира следнава фотографија, со која наводно се потврдува дека всушност претседателот и првата дама на САД се имаат сликано сами, односно без другите светски лидери и потоа истите биле додадени со алатки за обработка на фотографии:
— Protectorat 2.0 (@theprotectorat2) September 28, 2025
Но, како што може да се примети во долниот десен агол, стои четирикрака сива ѕвезда. Тоа е официјалниот знак на алатката за вештачка интелигенција Џемини (Gemini), на Гугл. Ова може многу лесно да се провери бидејќи кога се генерираат слики со Гемини, системот автоматски го додава водениот жиг, односно логото во истата позиција.

Согласно со горенаведеното, може да се заклучи дека тврдењата дека повеќе светски лидери се имаат фотографирано со восочни фигури од претседателот и првата дама Трамп, се неточни. Ако внимателно се прегледаат фотографиите, може да се откријат мали, но значајни разлики во држењето на телото и облеката на претседателот Трамп, како и косата на првата дама Меланија. Не само тоа, од други фотографии може да се види дека со истата облека се снимени од други агли и позиции различни премиери и претседатели, што исто така покажува дека Доналд и Меланија Трамп навистина биле присутни на официјалните фотосесии.
Пишува: Матеј Тројачанец
