Ниту Трамп и Путин подготвуваат апокалипса, ниту САД ќе ѝ го враќа нуклеарното оружје на Украина

Вжештувањето на конфликтот во Украина донесе и нов бран на дезинформации кај нас и во регионот. Објавена беше фабрикува насловна страница на неделниот магазин Економист, каде беа прикажани Трамп и Путин со насловот „Апокалипса“. На слична тема, од анонимни извори беше започнат лажниот наратив дека САД ќе им даде (т.е. ќе го врати) нуклеарното оружје на Украина – Џејк Саливан од Белата куќа децидно ја негираше оваа дезинформација. На социјалните мрежи циркулираше и мапа на НАТО којашто наводно официјална Москва и Кремљ ја објавиле – мапа што не може да се најде на ниту еден од официјалните канали на Русија и нивните државни медиуми. Исто така, во неколку пропагандни медиуми беа публикувани извртени цитати од шефот на воениот комитет на НАТО, Роб Бауер, така што се прикажуваше како наводно тој да рекол дека одобрува НАТО превентивно да ја нападне Русија

-

Познатата фраза којашто погрешно му се атрибуира на Владимир Илич Ленин,  „Постојат децении кога ништо не се случува и постојат недели во кои се случуваат децении“, можеби најсликовито ги илустрира состојбите во изминативе неколку недели во финишот на годината, кога се случија повеќе сериозни политички настани.

Претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол, прогласи воена состојба под изговор дека сака да ја заштити државата од комунисти, симпатизери на Северна Кореја и антидржавни елементи коишто владеат во националното собрание. Француската Влада официјално падна, односно во парламентот се изгласа недоверба на владата предводена од премиерот Мишел Барние. Романскиот уставен суд ги анулира резултатите од гласањето во првиот круг претседателскиот избор, бидејќи повеќе организации и агенции се сомневаат дека Кремљ и Русија „замешале прсти“ во изборите преку платформата ТикТок. Неколкудеценискиот режим на семејството Асад во Сирија беше официјално урнат, откако Дамаск падна во рацете на бунтовниците кои изминатите две недели молскавично брзо ја преземаа целата држава.

Секоја нова вест или развој на светски настани ги побудува домашните и странските теоретичари на заговор и ширачи на дезинформации во регионот и пошироко. Покрај дезинформациите на домашен терен што ги дебанкираше Вистиномер, изминатиов период беше плодна почва за застрашувачки и шокантни дезинформации од регионот.

Дали магазинот Економист предвидува дека Трамп и Путин спремаат апокалипса?

Одговорот е не. Дезинформацијата започнува од објава на Х (поранешен Твитер) којашто гласи:

АПОКАЛИПСА: Дозволувањето ракетни напади длабоко во Русија е почеток на Третата светска војна, предупредува култното пророчко списание Економист.

Во објавата е прикажана и наводната насловна страница неделникот Економист:

Фото: фабрикувана насловна страна на Економист, создадена со алатки базирани на вештачка интелигенција

Бидејќи сите насловни страници на магазинот јавно се објавуваат на нивната страница, наједноставно побивање на оваа дезинформации е доколку се посети оваа архива. Како што може да се види, таму не може да се најде насловната страница со Доналд Трамп и Владимир Путин. Дополнително, кога ја проверивме сликата со алатки за детекција на содржини создадени со помош на ВИ, резултатите покажаа дека истата 99 % е креирана со ВИ.

Фото: резултати од алатките за детекција на ВИ

Дополнително, она што го издава мотивот зошто вака се врамува вжештувањето на ситуацијата со Русија е поради тоа што САД и Обединетото Кралство дозволија користење на ракети со долг дострел на територијата на Русија, откако на руските воени сили им се приклучија илјадници севернокорејски војници на Курскиот фронт. А, парадоксално, наместо Бајден да се најде на насловната страница, бидејќи за време на неговиот мандат беше дадено зеленото светло за овие ракети, прикажан е Трамп кој ќе ја преземе власта на 20 јануари 2025 година.

Оваа дезинформација ја имаат проверено колегите од Раскринкавање (Црна Гора), Вокс Украина, 15мин (Литванија), Агенцијата Анадолу, Ју Ес Еј Тудеј, Фул Факт, Асоушиејтед Прес, Ла Република (Перу) и Гласот на Америка.

Дали САД ќе го одобри нуклеарното оружје на Украина?

Одговорот е не. Нужно поврзано со одобрувањето на западните сили – Украина да може да ги користи ракетите со долг домет на територијата на Русија, почна да се крчка и нов дезинформациски наратив. Односно, дека меѓу новите ракети на САД, тие ќе им дадат (т.е. ќе им го вратат) нуклеарното оружје на Украинците од кое се откажаa по распадот на Советскиот Сојуз. Овој факт го потврди советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, велејќи:

Тоа не се разгледува. Не. Она што го правиме е зголемување на различни конвенционални капацитети во Украина за да можат ефективно да се одбранат и да ја однесат борбата на Русите, а не на нуклеарната способност, изјави Саливан за Еј Би Си.

Без разлика на тоа што од Вашингтон имаа јасна порака дека нема да се вратат нуклеарните оружја, познатите регионалните портали кои често споделуваат дезинформации, како српските Информер и Лајк, не ја пропуштија шансата да нè (дез)информираат за овој настан. Некое време пред нив и познатиот теоретичар на заговори, Алекс Џоунс, ја сподели „веста“ на емисијата на Х, со наслов:

Аларм за крајот на светот! Администрацијата на Бајден предлага трансферот на нуклеарно оружје во Украина да се користи против Русија! Ова ја прави најголемата и најопасна нуклеарна ескалација во историјата!

Колегите од Раскринкавање (Црна Гора), Киев Индепендент, Глас на Америка, Ројтерс и Њузвик ja проверија оваа дезинформација.

Дали Кремљ „исцрта мапа“ на можни локации за удар на НАТО објекти во Европа?

Повторно, одговорот е не. Дезинформацијата почнува од добро познатите сајтови поддржани од Кремљ, Спутник и Правда кои пишуваат за „клучните европски бази на НАТО на дофат на руската хиперсонична ракета Орешник“. Од написите на овие два сајта произлегува и мапата на Европа на којашто се наоѓаат над четириесетина точки – теоретски НАТО мети, т.е. објекти и бази низ Европа, коишто Русија би можела да ги погоди во случај на војна со НАТО, користејќи ја ракетата Орешник.

Фото: мапа од Европа со наводните можни НАТО мети на Русија

По Спутник и Правда, веста се шири на социјалните медиуми – Фејсбук (тука, тука, тука и тука), Х/Твитер и Инстаграм. Но, веста за овие можните мети не може да се најде на официјалните канали на Кремљ, руската Влада, ниту на руските новински агенции ТАСС и РИА новости.

Треба да се потенцира дека Русија веќе ги искористи ракетите Орешник врз Украина, а  Путин најави дека ракетниот систем ќе биде распореден и во Белорусија. Ова, оправдано, ја загрижи НАТО алијансата по што беа организирани итни разговори со Украина после нападите од овие ракети. Каква и да е фактичката ситуација, дека Кремљ и Русија имаат јавно објавено мапа со можни мети, меѓу кои има една кај нас и три во соседна Бугарија, е неточно. Оваа дезинформација ја проверија колегите од Еленика Хоуксес и Фактчек Кипар.

Дали од НАТО кажаа дека „превентивно ќе ја нападнат“ Русија?

Повторно одговорот е не. Всушност, се работи за фабрикуван цитат од изјавата на шефот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер. Во написот на Правда, тие пишуваат дека наводно Бауер го кажал следново:

Мило ми е што го сменивме ставот кон идејата дека сме одбранбен сојуз и ќе седиме да чекаме да нè нападнат, а потоа ќе реагираме. Подобро е да не чекаме, туку да ги погодиме [ракетните] фрлачи во Русија, во случај Русија да нè нападне. Потребна е комбинација од прецизни удари кои ќе ги оневозможат системите што се користат за да нè нападнат, а ние прво треба да удриме, пишуваат во цитатот на Правда.

Во написот на Правда како се извор се цитира Телеграм порака од рускиот канал „Вашингтонский обком“ (или Регионален комитет на Вашингтон) во која се повторува претходната дезинформација, т.е. дека официјална Москва објавила можни НАТО мети за напад. Дел од говорот на Бауер, всушност, е изваден од настан организиран од Европскиот тинк-тенк „European Policy Cetner“, каде што шефот на Воениот комитет на НАТО го кажува следното:

…ако Русија нè нападне, треба да имате комбинација од длабоки прецизни удари со кои ќе може да ги извадите оружените системи што се користат за да нè нападнат и се разбира, затоа што ние сме одбранбена алијанса, ќе мора да го примиме првиот удар. Русија ќе го започне конфликтот затоа што нема да ја нападнеме Русија со ништо, сподели Бауер за време на дискусијата.

Слушајќи го излагањето на Бауер, во ниту еден момент од дискусија тој не рече дека НАТО прво треба да или ќе ја нападне Русија. Токму спротивното го кажа, велејќи дека ќе треба да го примиме првиот удар за да може НАТО да ѝ возврати на Русија.

Црквата што наводно го преживеала пожарот во Лос Анџелес е дело на вештачката интелигенција

Вистиномер никаде не успеа да најде информација и кредибилна вест во некој од светските медиуми дека ваква црква го преживеала пожарот во Лос Анџелес. На веб-страницата Сhurchtimes.co.uk има текст за тоа кои цркви биле...

Заедницата за нови авантури во Baldurs Gate 3 има потенцијал како Скајрим

Заедницата за правење нови авантури во Baldur's Gate 3 од играчи покажува ист и поголем потенцијал од тоа што се правеше со „Скајрим“. Овој фактор каде играчите модираат содржини и прават...

Промовиран традиционалниот календар на Скопскиот џез-фестивал

Со концертен настап на „Филип Динев трио“ на џез-матине во саботата беше промовиран новиот календар на Скопскиот џез фестивал, кој традиционално се објавува во јануари и во изданието за 2025 содржи...

Филмски факт: „Трето полувреме“ – приказна за фудбалот како игра на судбината

Илеш Шпиц, според чиј живот и кариера е креиран ликот на Рудолф Шпиц во филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, е добро познато име во македонскиот и ексјугословенскиот фудбал. Започнал како...

Црквата што наводно го преживеала пожарот во Лос Анџелес е дело на вештачката интелигенција

Вистиномер никаде не успеа да најде информација и кредибилна вест во некој од светските медиуми дека ваква црква го преживеала пожарот во Лос Анџелес. На веб-страницата Сhurchtimes.co.uk има текст за тоа кои...