fbpx

Ниту Путин се бори против злото, ниту Гејтс ги труе луѓето од воздух

-

Русија пред повеќе од една година изврши воена инвазија врз Украина, која како суверена држава има сосема легитимно право да се брани. Наративот дека „Путин се бори против злото“ е дело на руската пропаганда којашто се обидува да ги оправдаат злосторствата што ги врши Русија на туѓа територија. Бил Гејтс е омилена фигура во разни теории на заговор, вклучително и во оваа дека од авиони нè прска со хемиски отрови! Научната јавност нема најдено докази дека кемтрејлс постои и одамна има согледано дека станува збор за контрејлс, траги што авионите ги оставаат зад себе како последица на кондензација, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Путин е крив што се бори против злото.

Оние што ве труеја од воздух се добрите.

Малку ви е треба појака доза да ви пушти Гејтц.

Наративот во постот комплетно соодветствува со теоријата на заговор, според која Бил Гејтс од небото преку авиони нè прска со хемиски отрови. Оваа конспирација иако е надвор од доменот на фактите, претставува широко поле во кое се игра со емоциите и размислите на граѓаните. Научната јавност одамна има согледано дека станува збор за „контрејлс“, траги што авионите ги оставаат зад себе како последица на кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот обично од авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на земјата.

И истражувачите од Универзитетот Харвард од САД, кои проучувале вакви заговорнички теории, не нашле „ниту еден веродостоен доказ дека кемтрејлс постои“.

Оние кои веруваат во оваа теорија на заговор сметаат дека штом патеката од авионите е подолго време видлива мора да содржи некакви опасни дополнителни супстанции. Според ваквите верувања нормалната трага од авионот треба брзо да се распрсне, така што облаците кои не исчезнуваат веднаш мора да бидат полни со дополнителни, неоткриени супстанции, во случајов отрови.

Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Нема никакви докази дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови и се особено видливи на ведро и сончево небо.

Бил Гејтс е омилена фигура за различни лажни обвинувања меѓу кои и тоа дека сака да изврши депопулација на планетата, дека ги труе луѓето (како што се тврди во постот што го рецензираме), меѓутоа со логицирање би станало јасно дека доколку таква масовна програма за истребување навистина би се случувала и спроведувала, тогаш таа би барала големи ресурси, многу вклучени луѓе, пари, односно за неа би знаеле многумина и би се открило таквото евентуално масовно труење од воздухот. Но, се разбира, тоа не постои. Вистиномер повеќепати ја дебанкираше оваа теорија на заговор.

Особено ваквата теорија на заговор не може да се доведе во никаква корелација со војната што Русија ја спроведува во Украина која е суверена држава и се брани од воена агресија и од воена инвазија. Путин не се бори против никакво зло, туку ги спроведува своите територијални претензии кон Украина, а на контото на тие претензии се губат бројни човечки животи и се уништуваат инфраструктурни објекти во Украина, а  благодарение на војната во светот веќе се чувствуваат масовни последици од економски карактер .

Кремљ сакаше да ја оправда својата воена агресија со наводна борба против злото, а тоа беше честопати потенциран наратив и од страна на црковни лидери кои ја оправдуваа воената агресија на Русија против Украина.

Дури и пред инвазијата од Русија врз Украина, Кремљ негираше дека имале план да ја нападнат Украина, но излезе дека ова е невистина и нападот се случи истиот ден кога американските разузнавачи предвидоа дека ќе се случи.

Русија  пред повеќе од една години изврши воена инвазија врз Украина и таму секојдневно гинат голем број војници и цивили. На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.

Ваквите наративи за „тоа дека Путин се бори против злото“ доаѓаат од руската страна во обид да ги оправдаат злосторствата што ги вршат на туѓа територија, како и илјадниците загинати од двете странии, деца останати како сирачиња и милиони раселени лица. Станува збор за целосна воена инвазија која беше неиспровоцирана од страна на Украина која е суверена држава и којашто има право да биде во политичко и економско сојузништво со кого и да одбере, што на Русија ѝ пречи.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е точно дека Путин се бори против злото, ниту пак, дека Бил Гејтс ги труе луѓето со отрови.

 

***

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бујар Османи не ги прекинува предизборните активности

Од објавените наслови се добива впечаток дека Османи се откажува од претседателската трка, а вистината е дека поради здравствени семејни причини ги откажа предизборните активности на 16 април. Но,...