Фото: Зградата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур | Фото: ц, Викимедија комонс, CC BY 3.0

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Босанско-херцеговскиот портал за борба против дезинформацииите raskrinkavanje.ba по масовно споделување на социјалните мрежи од корисници од БиХ, Србија, Хрватска и други земји на наводни скриншоти од документ на германски јазик, со објаснување дека станува збор за наредба на „судот за човекови права“ на државите – потписнички на „Женевската спогодба“ веднаш да ги укинат сите мерки за борба против пандемијата на ковид-19, како што се изолацијата и карантинот, ги истражи сите аспекти на оваа појава и заклучи дека она што се пишува се невистини.

Накратко, во дезинформациите, се вели дека 11 јуни 2020 година, „Судот за човекови“ права на сите држави-потписнички на Женевската конвенција им испратил наредба „ВЕДНАШ ДА ПРЕКИНАТ СО СИТЕ МЕРКИ ЗА ИЗОЛАЦИЈА И КАРАНТИН во врска со Корона“, по што се посочува дека сите понатамошно спроведени мерки од тој вид „ќе се сметаат за ПСИХОЛОШКО ВОДЕЊЕ ВОЈНА ПРОТИВ НАРОДОТ“ и дека ќе бидат истражувани, судени и казнувани како такви.

Како што посочува raskrinkavanje.ba, скриншотите, односно сликите од документот претставен како „доказ“ за одлука на суд, не претставуваат допис од Меѓународниот суд за човекови права, ниту на кој друг признат суд. Напротив, документот што може да се прочита тука го напишал извесен Мустафа-Селим Сирмели и го адресирал до претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмајер. Сиремели и член на движењето „Reichsbürger“ (Граѓани на Рајхот), чии што следбеници го отфрлаат легитимитетот на модерна Германија и заговараат враќање на германската државност пред 1945 година. Поврзани се со екстремно десничарските, антисемитистичките и нацистичките идеологии. Сирмели е самопрогласен „висок комесар за човекови права“, член на „Управниот одбор на Меѓународниот центар за човекови права“, „професор за човекови права“ итн.

Организацијата на Сирмели е „суд“ само по име. Таа се вика Gerichthof der Menschen (во превод „Народен суд“), но не станува збор за суд, туку за проект на неколку опскурни организации.

Ако ги погледнеме другите тврдења во овие објави што се споделуваат по социјалните мрежи, да потсетиме дека не постои Меѓународен суд за човекови права, туку Меѓународен суд на правдата, кој се наоѓа во Хаг и е еден од правните органи на ОН. Потоа тука е Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој е формиран од Советот на Европа. Што се однесува до „Женевската спогодба“, во Женева се потпишани многу спогодби и договори, но тие се главно поврзани со воените судири. Најпозната е „Женевската конвенција“, но повторно, таа е поврзана со воени конфликти.