Фото: Prasesh Shiwakoti (Lomash) on Unsplash

Министерството за здравство информира дека ниту еден од ковид позитивните пациенти кај кои е изолиран делта сојот на SarsCov2 не бил вакциниран против ковид-19. Утрово министерот за здравство Венко Филипче потврди дека четврти случај на заболено лице со делта сојот е регистрирано во земјава во Велес, а постојат и четири други сомнителни случаи од Скопје за кои се чекаат резултатите.

„По направените анкети со пациентите утврдено е дека никој од нив не примил ниту една доза вакцина, односно ниту се вакцинирани, ниту ревакцинирани. Од вкупниот број позитивни пациенти кај кои е утврдено присуство на делта сој, само еден е во многу тешка состојба. Станува збор за пациент, кој 8-9 дена откако појавил симптоми на ковид-19, одбивал да оди на лекар и бил во домашна изолација“, информираат од Министерството за здравство.

Тие додаваат дека во моментов се вршат епидемиолошки анкети на останати членови од семејството на двајца од хоспитализираните пациенти, кои живееле во заедница и возможно е да се утврди и кај нив присуство на индијски сој на вирусот.

„Министерството за здравство апелира до граѓаните за што помасовна вакцинација, како и придржување кон основните препораки за заштита од ковид-19. Сите вакцини со кои располагаме се безбедни и ефикасни и се единствениот начин за заштита од ковид-19“, се наведува во соопштението на ова министерство.