Рајко Радојковиќ (21) од Ниш, кој кон крајот на јули годинава ја прездвика сообраќајната незгода на регионалниот пат Удово – Демир Капија, во која загинаа срспките државјани Никола Маринковиќ (24) и неговиот осуммесечен внук Андрија, е осуден на 22 месеци затвор, откако ја признал вината и се спогодил со Јавното обвинителство.

Роднините на загинатите остро реагираат на ниската казна на која е осуден српскиот државјанин, пренесува српски „Курир“.
„Тој нечовек уби двајца и остави жена траен инвалид, а од затвор ќе излезе за една година и ќе продолжи таму каде што застанал. И сето тоа заради срамната одлука на македонското обвинителство. Таа одлука е срам за нивната држава“, изјавил за „Курир“, Александар Маринковиќ, брат на загинатиот Никола Маринковиќ и чичко на Андрија.

Радојковиќ, три месеци по несреќата, склучил спогодба со макекдонското обвинителство за признавање на вината, по што му била изречена казна затвор од 22 месеци. Според законските одредби, со признавањето на вината судењето се исклучува, а семејството Маринковиќ нема право на жалба на спогодбата меѓу Радојковиќ и обвинителството.

„Тоа е тажна реалност со која мораме некако да се бориме. Се обидовме судењето да го префрлиме во Србија, бидејќи сите учесници во сообраќајката се српски државјани, но македонските власти не го дозволија тоа. Баравме уште едно сообраќајно вештачење на несреќата, но ниту тоа не ни го дозволија. Верувам дека таткото на Радојковиќ успеал да влијае на нив и да издејствува кзната да биде таква каква што е“, изјавил Александар Маринковиќ за „Курир“.

Сообраќајната несреќа се случи на 28 јули на регионалниот пат Демир Капија – Удово, кога Радојковиќ со возилото „форд фиеста“, при непрописно престигнување, директно удри во автомобилот „шкода фабиа“, со кој патуваше семејството од Чуприја.