Овојпат не носам ново предлог-решение во Скопје, доаѓам да разговараме за напредокот во преговорите со Атина околу спорот за името, вели специјалниот пратеник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција во интервју за емисијата „360 степени“ на телевизијата „Алсат М“.

Нимиц, кој од денеска до 4 јули ќе престојува во Скопје, на покана на македонската Влада, вели дека е добро што новиот државен врв покажува волја разговорите да продолжат.

– Во Скопје има нова влада со нови идеи околу ова прашање. Во изминативе неколку години од различни причини времето не беше соодветно за интензивни и сериозни преговори за прашањето за името. Се надевам дека вниманието се враќа кон ова многу важно прашање, одам за да се сретнам со страните и да ја тестирам подготвеноста за сериозен напредок. Овојпат не носам нов предлог – вели Нимиц.

Тој посочува дека во изјавите на новата влада се чувствува клима за подобрување на односите со соседите.

– Ги читам изјавите на премиерот, на министерот за надворешни работи и на другите функционери во новата влада. Има аспекти што даваат надеж, во однос на тоа што тие го велат. Мислам дека отсекогаш беше важно земјата да се согласува со соседите. Соседството е тежок регион, а земјата е нова земја и како што знаете во ОН е под привременото име – Поранешна југолосвенска република Македонија, кое јас како претставник на ОН морам да го користам. Но, тоа име отсекогаш беше планирано да биде привремено, а Привремената спогодба е веќе стара, напишана е во 1995 година. Така што, време е да се решат некои проблеми и ми се допаѓа што луѓето имаат свеж пристап во однос на прашањата со соседните земји – вели специјалниот пратеник на ОН во интервјуто.

На покана на Владата на Грција, предвидено е Нимиц да замине за Атина веднаш по посетата на Скопје.

Специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција последен пат ги посети двете земји кон крајот на јули 2014 година.