fbpx

Нимиц: Крајно време е да се најде решение за спорот за името

-

Посредникот Метју Нимиц бара Македонија и Грција да ја прекинат паузата во преговорите за спорот за името и повторно да го стават решавањето на ова прашање високо на политичката агенда.

Во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) во преговорите за името меѓу Македонија и Грција, ги отвора картите за 20-годишните преговори, апелира за конечно решавање на името со формула сложено име со географска одредница и дециден е дека и двете страни ќе мора да покажат разбирање и отстапки од црвените линии за да се најде заеднички корисно решение, со кое ќе нема губитник и победник, а кое ќе помогне за подобра идна соработка и за стабилност во регионот.

Според Нимиц, конечното затворање на спорот за името ќе создаде нови можности за соработка, особено за зачувување на регионалната стабилност во критични моменти, како актуелната бегалската криза.

„Јасно е дека е дојдено време да се најде решение. Бегалското прашање, кое ги засега и двете држави, порастот на терористичките закани за регионот и финансиските тешкотии со кои се справува Југоисточна Европа се дополнителни причини поради кои е неопходно да се најде решение. Решението ќе ја отвори вратата за подобра соработка, посилна евроатлантска определба за справување со регионалните прашања и ќе им служи на интересите на двете држави“, вели Нимиц.

Посредникот ги отвора и картите за тоа што реално мора да се очекува дека ќе има во финалната формула за името. Терминот „Македонија“ останува без никакви обиди да биде елиминиран, но ќе оди во придружба на географска одредница колку тоа и да не им одговара на македонските црвени линии.

„Треба да имаме договор за едно име за државата кое ќе го има терминот „Македонија“, но и една разумна одредница, а според моето мислење, географска би била најдобра, која ќе го гарантира достоинството на државата, но и ќе ја разграничи од големиот дел на Македонија кој е неделиво парче од Грција“, вели Нимиц за неговите ставови околу името, додавајќи дека, сепак, на крај двете страни ќе одлучат што им одговара.

Тој е јасен дека двете страни треба да се договорат околу клучниот аспект како опсегот на употреба на новото име и преодниот период за користење на новото име. Нимиц е оптимист дека со добра волја и со сериозни разговори двете страни може да се договорат околу опсегот на употреба, иако засега грчката страна инсистира името да биде ерга омнес, додека македонската страна бара новото име да се користи само во билатерални цели, односно само во односите со Грција.

Посредникот посочува дека е потребен договор од сите аспекти за да нема дополнителни проблеми, односно двете страни да стигнат до договор со кој ќе биде јасно дека нема иредентистички или територијални претензии и има почитување на културата на двете страни.

„Треба да постојат и гаранции дека прашањето за какви било територијални претензии е отфрлено засекогаш, како и дека основа на врската ќе биде мирна соработка. Идентитетот на луѓето што се вмешани треба да се почитува. Културното наследство на сите граѓани треба, исто така, да се почитува“, додава Нимиц.

Тој вели дека неопходен е што поитен прием на Македонија во НАТО, како и силна поддршка за датум за нашата држава да ги почне пристапните преговори со Европската унија.

Нимиц истакнува дека е неопходно поинтензивно активирање и вмешување на лидерите во процесот и забрзување на преговорите за решавање на спорот.

Иницијативите од грчка страна за почнување преговори околу мерките за градење доверба и посетата на шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, на Скопје, ги гледа како клучен чекор во зајакнување на меѓусебната доверба и отскочна штица за и двете влади да се нурнат подлабоко во преговорите. Очекува двете страни да продолжат со конструктивни преговори и чекори во оваа нова позитивна атмосфера, која е создадена преку новите контакти меѓу Атина и Скопје.

Посредникот оценува дека средба меѓу премиерите Никола Груевски и Алексис Ципрас би била, исто така, корисен чекор за побрз напредок во преговорите.

„Во одреден момент, подобро порано отколку подоцна, би било корисно да има средба меѓу двајцата премиери. Верувам дека се двајца лидери кои добро го знаат прашањето и знаат да преговараат. Обајцата уживаат доверба во своите држави. Секој од нив ќе ги заштити националните интереси, меѓутоа имаат стратегиска визија и политичка храброст да најдат решение“, вели Нимиц.

Тој забележува дека е воодушевен од Ципрас, кој иако е на премиерската позиција кратко време, веќе стекнал големо искуство, а позитивно говори и за Груевски, коментирајќи дека е сериозен и фокусиран на тоа што го работи, интелигентен соговорник со силен карактер, функционален и искусен лидер.

Навраќајќи се на септемвриското Генерално собрание на ОН, Нимиц потврдува дека Ципрас и Груевски разговарале за спорот за името и дека тоа прашање во нивните средби со генералниот секретар, Бан Ки-мун, било високо на агендата.

Посредникот тврди дека Обединетите нации и Ки-мун се ангажирани значително за да помогнат да се најде решение, а додава дека прашањето е високо и на агендата на САД, кои се загрижени и за грчката и за македонската стабилност и би сакале да помогнат побргу да се најде решение, поради што и целосно го поддржуваат преговарачкиот процес во ОН.

Нимиц, иако оптимист за заемно прифатливо и корисно решение, вели дека малку е и разочаран од себе што сè уште нема решение.

„Многу сериозно ја гледам одговорноста да помогнам за решавање на спорот за името и, да бидам искрен, се чувствувам разочаран од самиот себе што сè уште немам направено повеќе за да го решам проблемот“, додава Нимиц.

Во интервјуто, посредникот во македонско-грчкиот спор не најавува нова посета на регионот, коментирајќи дека е во контакт со двете страни и штом се увиди корисна можност за посета, таа ќе биде искористена.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...