Никотинските ќесички кои се конзумираат така што се ставаат меѓу непцата и усните, инаку познати како „никотински бомби“ поради тоа што имаат екстремно висока концентрација на никотин, стануваат сè попопуларни кај младите во Северна Македонија и иако ризиците од нивното користење се многубројни, овој производ и неговиот начин на употреба не се регулирани со ниту еден закон во земјава, пишува Порталб.мк.
За 500 денари и во продавница која се наоѓа многу блиску до ОУ „Кирил и Методиј“ во Тетово, новинарот на Порталб купи еден од овие производи и поразговара со продавачката.
„Сите го користат, да бидам искрена не знам дали е дозволено да им се продава на малолетниците, но тие го купуваат, интересно им е“, вели продавачката.
Производот, од друга страна, ги предупредува корисниците дека е опасен, дека предизвикува зависност и дека може да предизвика одредени симптоми.
„Гадење, вртоглавица, повраќање, треска, слабост“ се некои од можните симптоми од конзумирањето на овој производ.
И покрај фактот што главната цел на производителите на никотинските ќесички е да им се помогне на луѓето зависни од пушење, јасно е дека „мета“ на продавачите на овој производ не се овие лица, туку малолетниците и младите.
За тоа сведочи и фактот што никотинските ќесички се продаваат и во бифето на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што студира Илина Банова. Таа за Порталб вели дека е скандалозно што овој производ може да се најде во бифето на еден државен универзитет.
„Да, ние студентите може сме над 18 години. Но, дали овој факт нè прави свесни за последиците од овој производ? Не сум сигурна. Без разлика што вели законот, продавањето на овој производ во универзитетските бифеа е неетичко, на младите треба да им се каже дека овие практики се штетни и создаваат зависност, а не да им се нудат и на факултет“, вели Банова.
Дознаваме дека Студентското собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ спровело анкета околу тоа дали треба да се дозволи продажбата на овие производи во бифеата на факултетите, при што најголем број од студентите одговориле со „Не“.
Банова побара да реагираат и „институциите и администрацијата на факултетите“.
„Наместо да имаме кампањи за подигање на свеста за штетите што ги предизвикуваат овие производи, ние продолжуваме да дозволуваме да заземат место и да бидат сè повидливи по рафтовите на бифеата“.
Токсиколог за Порталб: Да се забрани продажбата на овој производ во киосците, да можат да се купат само со лекарски рецепт.
Нико Беќаровски, специјалист по токсикологија, вели дека овој производ содржи многу повеќе никотин од цигарите, па последиците од неговата употреба кај децата може да бидат големи.
„Тоа е производ со висока концентрација на никотин, чија примарна цел е да помага при одвикнување од пушењето и да ги ублажи кризите на одвикнување од никотин. Бидејќи концентрацијата на никотин во една таква ќесичка е неколку пати поголема од онаа во цигарата, штетата што може да им ја нанесе на малолетниците е голема“, вели Беќаровски.
Тој додава дека „треба да се забрани нивната употреба од страна на малолетниците и на пакувањето јасно да се наведе дека е забрането за нив и дека е штетно по здравјето“.
Според доктор Беќаровски, кај нас овој производ воопшто не се користи за одвикнување од пушење, туку за сосема други цели. Затоа предлага да се забрани неговата продажба во киосците.
„Мојот личен став, со оглед на тоа што овој производ воопшто не се користи за одвикнување од пушењето, е дека треба да се забрани слободната продажба во киосците и да биде достапен само во аптеките со лекарски рецепт за одвикнување од пушење кај возрасните“, изјави Беќаровски.
Во моментов, никотинските ќесички легално можат да им се продаваат и на деца, поточно, на малолетници помлади од 18 години, бидејќи овие производи не содржат тутун, туку само никотин.
Како снус, но поразлично, Светската здравствена организација апелира за претпазливост
Разликата меѓу производот „снус“ и „никотинските ќесички“ е тоа што производот снус содржи тутун, а во Северна Македонија конзумирањето и продажбата на тутун за орална употреба е забрането со закон. Никотинските ќесички, од друга страна, содржат никотин, кој според Светската здравствена организација „може да створи зависност“, посебно ако се консумира од децата.
Според истражувањата, изложувањето на никотин, посебно преку овие ќесички кои содржат многу високи количини, може да предизвика несакани ефекти како вртоглавица, главоболки, гадење и стомачни грчеви, посебно кај оние лица кои не се пушачи.
Иако сè уште нема многу студии за долгорочните ефекти од користењето на никотинските ќесички, веќе е познато дека никотинот предизвикува зависност и е штетен по здравјето. На пример, ако се користи во високи дози може да предизвика проблеми со кардиоваскуларниот систем (срцева аритмија). Исто така може да има негативни ефекти врз развојот на мозокот кај адолесцентите.
Содржината на никотин во некои од никотинските ќесички на пазарот е алармантна. Во него се нудат ќесички кои содржат повеќе од 10 mg никотин. Според извештајот на Светската здравствена организација (СЗО), овие ќесички обезбедуваат доволно количество на никотин за да предизвикаат и ја одржуваат зависноста од никотин.
Покрај тоа, некои никотински ќесички, иако не содржат тутун, сепак содржат нитрозамини специфични за тутунот. Овие соединенија можат да ја оштетат ДНК и, со долготрајна изложеност, може да предизвикаат рак.
Меѓутоа, нема многу податоци за штетноста на никотинските ќесички, бидејќи не се долго време на пазарот. Но, СЗО препорачува еден внимателен пристап, имајќи ја предвид нивната сличност со тутунските производи без чад.
Институциите конфузни, бараат помош едни од други
Имајќи предвид дека се работи за релативно нов производ, институциите во Северна Македонија се најдоа „неспремни“. Никотинските ќесички не се спомнуваат во Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, ниту во кој било друг закон.
Од Царинската управа за Порталб изјавија дека работат како што им кажуваат надлежните институции. За овој производ тие се обратиле до институциите околу тоа како да постапат, при што констатирано е дека се работи за законски нерегулиран производ.
„Увозот на никотински ќесички не е забранет. Овој производ не е регулиран и не е опфатен во законот, ниту е опфатен со некоја друга законска регулатива. Ние ги интегрираме мерките на трговската политика врз основа на барањата на институциите одговорни за контрола на конкретни производи“, велат од Царинската управа.
Тие, сепак, успеале да ја идентификуваат институцијата одговорна за контрола на никотинските ќесички, како што велат, „за заштита на јавното здравје и спречување на ризиците“, а со тоа се појавила и потребата за регулирање на трговијата со овие производи“.
Односно, Царинската управа на Република Северна Македонија побарала од надлежните институции да поработат на законското регулирање на овој производ. До тогаш овој производ ќе се увезува во земјава и покрај тоа што нема регулатива како треба да се користи или тргува.
Пазарниот инспекторат има потреба од помош и време
Го контактиравме и Пазарниот инспекторат за да видиме дали имаат право да ги казнуваат продавниците кои им ги продаваат овие никотински ќесички на деца, но и тие не знаат како да постапат, па побарале помош од другите институции.
„Во моментов Државниот пазарен инспекторат работи на решавање на овој проблем и сме испратиле неколку барања до надлежните институции за да ни дадат мислење во врска со никотинските ќесички“, велат од Пазарниот инспекторат.
Од таму ни ветија дека ќе одговорат на новинарските прашања штом добијат одговори од надлежните институции. До тогаш, кај нас производот ќе продолжи неконтролирано да се продава.
Законска регулатива во Северна Македонија се бара повеќе од 9 месеци
На 26 март 2024 година, Владата ја призна потребата прво да се анализира дали никотинските ќесички се безбедни за употреба, а потоа и законски да се регулира нивната употреба.
Тогашната влада најави дека Министерството за здравство треба да состави анализа со која ќе се утврди дали никотинските ќесички се безбедни за населението од здравствена и токсиколошка перспектива и дали производот треба да биде слободно достапен во земјата или дали при нивното евентуално пуштање во промет треба да се стави забрана за продажба на лица помлади од 18 години.
Покрај тоа, Владата го ангажираше Министерството за земјоделство да формира работна група со претставници на повеќе институции, да направи компаративна анализа на законодавството за проблемите поврзани со никотинските ќесички во ЕУ и Западен Балкан, како и да даде предлози за измени и комплетирање на прописите од областа што ја регулираат здравствената безбедност, трговијата, даноците и акцизите за никотинските ќесички во државата.
Законската регулатива би се базирала на анализата на Министерството за здравство. Порталб дознава дека лекарите кои ја изработиле оваа анализа, меѓу кои и Нико Беќаровски, дале мислење дека производот не треба да се продава по киосци, туку само во аптеки и со лекарски рецепт.
Од Министерството за земјоделство за Порталб не одговорија дали имаат подготвено било какви извештаи.
ЕУ се подготвува за регулација на „никотинските ќесички“
Со растот на пазарот на никотинските ќесички, администрацијата на ЕУ полека го подготвува теренот за нивна регулација. Аналитичарот на инвестициската истражувачка агенција „Морнингстар“, Филип Горам, смета дека со новата регулатива на ЕУ никотинските производи ќе се третираат исто како и тутунските производи.
Оваа можност е поддржана од мислењето на европската комесарка за здравство, Стела Киријакидес, според која зголемената популарност на „никотинските ќесички“ предизвикува „сериозна загриженост за јавното здравје“.
Во извештајот на Германскиот федерален институт за проценка на ризикот се вели дека никотинот „има силни ефекти врз кардиоваскуларниот систем“ и дека „никотинските ќесички“ претставуваат висок ризик за децата, бремените жени и доилките и луѓето со кардиоваскуларни болести.
Во Северна Македонија, експертите се поделени и околу тоа дали целосно треба да се забрани увозот и прометот на овие производи или тие треба да бидат само законски регулирани за да може да се купуваат само во аптеки со лекарски рецепт.