Фото: Влада на РСМ

Вицепремиерот Љупчо Николовски денеска одговарајќи на новинарско прашање, потврди дека со својата сопруга бил на одмор во Дубаи и нагласи дека после 16 часа дневно работа, има законско право на одмор, а патувањето било поради работни обврски на неговата сопруга.

Од оваа временска дистанца, можеби е направена грешка од наша страна што е избран Дубаи, но не како одмор, туку поради работни состаноци на сопругата, рече Николовски

Коментирајќи ги критиките во јавноста дека во време на пандемија патува во Дубаи, Николовски се извини ако испратил лоша порака во јавноста. Потенцира дека не заминал таму за да се вакцинира, ниту за да прави бизниси и дека трошоците што ги направил не биле покриени од буџетот.

„Ниту денар од државата немам искористено во време додека сум на позиција, а за платата што ја добивам, имам право на три дена за одмор. Им се извинувам на граѓаните, можеби се прати лоша порака. Многу порано беше договорено ова отсуство, од лични и приватни причини“, рече Николовски.

Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ излегува со неосновани обвинувања против него бидејќи, како што рече, на опозицијата ѝ сметаат успесите на Владата.

„И со економските мерки, и со планот за борба против корупција, и со тоа што покажавме дека нема недопирливи, ќе ги подобриме условите и луѓето уште повеќе ќе веруваат во државата. Тоа најмногу ѝ смета на опозицијата која блокира сѐ што е во интерес на граѓаните. Денеска сме соочени за Николовски да бараат нешто незаконско. Ги повикувам да ги изнесат како тврдење, за да добијат кривични постапки, заради тоа што сме решени оваа висока борба против корупција и криминал, да продолжи до крај“, рече Николовски.