Националното студентско тело (НСТ) и Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), не биле консултирани во врска со мерката ваучери за електронски уреди, која ја најави премиерот Христијан Мицкоски.
Ова во интервју за Мета.мк го вели Александар Николовски, претседател на УСС УКИМ и претседавач со НСТ. Тој вели дека студентските организации не знаат колку време е правена анализата и како дошле до заклучок дека на сите студенти им се потребни електронски уреди.
Ваучери од 250 евра за набавка на дигитални уреди за сите студенти во државата е првата мерка која актуелната Влада ја најави за студентите.
„Ние како УСС УКИМ и Национално студентско тело сметаме дека треба да ги поздравуваме сите мерки кои се однесуваат на студентите и се за подобрување на студентскиот стандард, но исто така сметаме дека при носење на вакви мерки, студентските организации треба да бидат исконсултирани. Да се направи одредена анализа – која е потребата од електронски уреди, дали на сите студенти им се потребни уреди и колку тоа ќе им го подобри стандардот за разлика од други моменти кои ги немаат“, смета Николовски.
„Еве, на пример, студентските домови немаат квалитетен интернет. Се случува после десет дена во студентскиот дом ‘Пелагонија’ да нема доволно интернет. И сега, студентите ќе земаат електронски уреди, а домот нема средства за интернет – за што ќе ги користат тие уреди кога интернетот им е неопходен?“, додава претседателот на УСС УКИМ.
Николовски вели дека при носење мерки за подобрување на студентскиот стандард, на маса заедно треба да седнат сите чинители – студентските организации, подмладоците на политичките партии, собранискиот Клуб за младински прашања и политики, Министерството за образование и наука (МОН) и Владата.
„Ова е потребно за да се донесе решение кое ќе биде бенефит за сите страни и за сите категории и групи, посебно за ранливите, затоа тие се оние на кои највеќе им требаат финансиски средства и поддршка“, вели Александар Николовски.
Во интервјуто за Мета.мк, Николовски зборува и за коруптивните практики на УКИМ, иницијативата за бесплатно високо образование, состојбата во студентските домови и Законот за младински стандард.
Целосното интервју ќе биде објавено во недела, на 17 Ноември, кога се одбележува Меѓународниот ден на студентите.