Пратеникот на СДСМ, поранешен министер и претседател на собраниската комисија за Земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, информира дека ИПАРД 3 програмата е официјално суспендирана од страна на Европската комисија. Според него, македонските власти меѓу кои министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, како и министерот за земјоделие, Цветан Трипуновски биле информирани за ваквата одлука во петокот околу 16 часот преку националниот координатор за авторизација.

Како што информира Николовски, суспензијата е на неопределено време и ќе трае додека не се исполнат одредени услови и акциски планови. Причина за мерката, како што додава тој, е актуелниот корупциски скандал во кој се осомничени директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој Илија Стоилев и уште четири други лица, меѓу кои, наводно, и блиска соработничка на министерот за земјоделство.

„Тоа е директна последица на овој голем корупциски скандал и тотален колапс на системот што беше граден седум години заедно со Европската комисија и со многу наши професионалци “, рече Николовски, потсетувајќи дека во претходната ИПАРД 2 програма биле реализирани 2.400 договори, повеќе од Србија, Црна Гора и Албанија заедно.

Тој ги обвини институциите дека ја сокриле информацијата од јавноста за време на викендот, и постави прашања зошто тоа се случило и дали на тој начин се штитат вмешаните во скандалот. Според него, земјоделците и корисниците на програмата заслужуваат транспарентност и одговорност, бидејќи тие се директни жртви на колапсот.

„Како човек кој седум години работеше на воспоставување на овој професионален систем, што денеска е суспендиран, ова длабоко ме погодува. Не станува збор само за бројки, туку за илјадници семејства, млади земјоделци, агробизнисмени, за земјоделци коишто имаат склучено договори, коишто чекаат исплати, коишто чекаат да аплицираат на веќе најавените повици и ги спремаат своите проекти и прават трошоци. И сите тие се наоѓаат во една неизвесност за иднината на тековните и идните вложувања. Ова е тежок удар врз целиот земјоделски сектор, врз економијата, но и врз европската перспектива на државата“, рече тој.

Николовски: Поради корупцискиот скандал со ИПАРД, ЕУ може да стопира 128 милиони евра за македонското земјоделство

Како реакција, Николовски вече побарал од Владата, Министерството за земјоделство и Платежната агенција детален извештај за причините за суспензијата. Тој најави итна тематска седница на Комисијата за да бидат преземени привремени мерки за заштита на земјоделците чијшто проекти се во тек.

„Македонското земјоделство не смее да биде заложник на партиски интереси и корупциски шеми“, порача Николовски, додавајќи дека ќе предложи измени во законската рамка при изборот на директор на агенцијата, но и за јакнење на независноста и контролните механизми на агенцијата со јасна одговорност за секоја злоупотреба. Тој, исто така, ќе бара формирање на работна група со претставници од сите парламентарни партии и групи, со цел подготовка на предлози за ревитализација на системот и враќање на можноста за аплицирање на повиците и склучување на договори од ИПАРД 3.

Тој потенцираше дека ова е вторпат во 15 години Македонија да се соочи со ваква суспензија на ИПАРД, и тоа повторно во период на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, алудирајќи на ниската искористеност од само 12% во ИПАРД 1 (2011 година).

„Оваа суспензија е срам за државата, но и потсетник дека мора итно да ги заштитиме европските вредности, институционалната одговорност, чесноста и професионалноста во работењето“, рече Николовски, нагласувајќи дека зборува како човек кој бил дел од овој систем и верува во европската иднина на земјоделството и државата.

Обвинителството предлага притвор за директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството