Николовски: Целосна дезинфекција на студентските домови за две недели

Дарио Николовски / Фото:

Поради мерките за спречување и ширење на корона вирусот, Владата донесе одлука со која на 11 март се затворија студентските домови. Тие во моментов се празни, иако имаше најава дека е можно да се користат како простор за карантин.

Директорот на Студентскиот центар – Скопје, Дарио Николовски, вели дека домовите се спремни доколку треба повторно да се отворат оваа година. Посочува дека постапката за дезинфекција на домовите е во тек и таа ќе се реализира во наредниот период.

„Целосна дезинфекција на студентските домови се очекува да има кон крајот на оваа или почетокот на наредната недела“ изјави Николовски за „Мета.мк“.

Тој додава дека на студентите им важат договорите и тие се водат како активни во домовите, потсетувајќи дека истите се ослободени од партиципација за првите 11 дена од месец март, откако почна да важи одлуката на Влада за затворање на студентските домови.

Во врска за оние кои веќе платиле за месец март, а беше најавено дека парите ќе им бидат вратени, Николовски вели дека студентите тоа ќе може да го направат штом се регулира состојбата со домовите.

„Штом се вратат работите во нормала, односно штом ќе почнат да работат студентските домови, студентите ќе треба да достават барање за рефундација и парите ќе им бидат вратени веднаш“ – појаснува директорот на Студентскиот центар Скопје.