фото: Влада

Mерките што се преземаат во насока на поголема транспарентност и отчетност на институциите, даваат позитивни резултати, и тоа се нотира во релевантните извештаи, порача на денешната прес-конференција, вицепремиерот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

„Активната транспарентност на министерствата, на Владата и на општините, оваа година споредено со 2016 година, е зголемена за 18 проценти, според податоците на извештајот за Индекс на активна транспарентност 2021 година на Центарот за граѓански комуникации. Односно, вкупната активна транспарентност изнесува 63 отсто, за разлика од 2016-та кога била 45 отсто“, изјави Николовски.

Во делот на транспарентноста на општините, подобрување е забележано кај 51 општина, а од 16 министерства и Владата, кај дури 13 како и кај Владата, е регистриран пораст на исполнетоста на обврските од активната транспарентност.

Николовски посочи дека лани, се задолжија сите министерства и органи кои одговараат пред Владата, вклучително и сите општини, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, во рок од 30 дена на своите веб-страници да ги објават 22-те категории на документите, според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Транспарентно се објавени имињата веќе се спроведува тестот за интегритет на советниците на функционерите. Мерките за зголемување на транспарентност се проширија и со усвојувањето на планот за борба против корупција, според кои, министерствата, органите на управа и општините, задолжително треба да назначат овластено лице за прием на пријави заради заштитено внатрешно пријавување, да подготват годишна Антикорупциска програма, како и интерни процедури за спроведување на постапките за јавни набавки и реализација на договорите.