Службите на Итната медицинска помош се први на одговор пред граѓаните. И при сообраќајка, при пад на улица, инфаркт, па и сега во состојба на епидемија и оваа глобална закана со корона вирусот. Д-р Гордана Николовска – Димеска во својот триесетгодишен работен стаж повеќе од дваесет години е во Итната служба во Прилеп, каде во последните две години е раководител. Има поминато секакви ургентни ситуации, понекогаш опасни и за нејзиниот живот.

Во нејзината тиресетгодишна кариера како доктор, три пати таа и сестрата со неа биле заклучени од непресметливи пациенти. Во разговор за „Мета“, Николовска-Димеска вели дека ситуацијата со корона вирусот, неа и нејзините колеги во Итната помош ги направи попретпазливи и повнимателни, бидејќи вирусот е непознаница за научниците и лекарите.

„Деновиве се зголемија повиците за домашни интервенции. Кога влегуваме по домовите никогаш не знаеме на што ќе наидеме. Меѓутоа, во вакви ситуации, прашањето е дали треба баш за сѐ да не викаат дома. Има ситуации каде се злоупотребува итната помош, како повици при домашни расправии, вознемиреност, не така итни состојби кај нормално покретни, млади и релативно здрави луѓе. Повиците се примаат по телефон и се прави распоредување и групирање на болните. Се земаат податоци во тек на разговорот, се со цел да се одреди потребата како и степеност на итност при реализирање на повиците. Но често ни се случува, во разговорот да добиеме податоци дека се работи за проблеми со срцето а на терен да видиме дека се работи за некоја невротска состојба, а ние одиме со висок степен на итност, сирени и ротационо светло, и ги изложуваме сите на опасност со брзото возење. Вообичаено одиме на терен, се враќаме во Итната помош и прво што правиме е фрлање на ракавиците и миење раце. Тоа ми е пракса отсекогаш и се покажала ефикасна во секоја ситуација,“ вели Николовска-Димеска во интервјуто за „Мета.мк“.

По бројните повици и мерки за превенција, сфатија ли граѓаните дека треба да го намалат своето движење?

-Ако се суди по интервенциите пред заладувањето на времето, не. Имавме интервенција на скршеници на луѓе кои се движеле на улица, паднати повозрасни пацинети и тип на повреди, кои укажуваат на движење и активност. Кога ќе им кажеме на луѓето дека треба да го намалат движењето, особено повозрасните, се со изговори дека треба да прошетаат. Тешко оди нивното менување на навиките, од кои зависи како ќе се справивме со епидемијата.

Како се однесуваат луѓето кога ќе заминете на терен и да интервенирате? Се промени ли нешто во тој однос од појавата на корона вирусот?

-Да, се промени. Но некако во негативен правец.Пред некој ден отидовме на повик на повозрасен човек, кој имаше мозочна криза и беше надвор во друштво на повеќе повозрасни лица, спротивно на препораките за собирање. Не се работеше за сомнителен случај на корона, но и покрај тоа, насобраните млади момчиња, од кои дел имаа маски на себе, не сакаа да помогнат да го кренеме човекот, кој беше неподвижен. Им кажавме дека човекот е со зголемен притисок, меѓутоа, насобраните одбија да помогнат од страв дека можеби ќе бидат заразени. Колку за илустрација, сите ние тројцата од екипата, доктор, сестра, возач имавме приближно или малку повеќе кила од тој што требаше да го креваме. За жал, и пред епидемијата се’ помала е солидарноста и хуманоста кај луѓето.

Има ли страв кај вас, кај колегите во вакви случаи, кога не знаете за што се работи, дека може да се инифицирате со корона вирусот?

– Секако дека сме свесни за опасноста. Не се само инфекциите се причина за страв, многу често е стравот и од физичко повредување. Навредите и вербалните закани се редовна појава. Маските досега искрено не, но сега да  како и ракавиците, дезинфекцијата и миење раце ни се рутина. За секој случај, направивме план доколку некој од докторите се инфицира, дојде во допир со заболен, па треба да оди во изолација, договоривме специјализантите што ја прекинаа специјализцијата во овие вонредни околности да бидат подготвени да дојдат на замена. Воведовме и посебни мерки пред влезот во Итната помош, каде пацинетите ги дочекува стражар, кој добива основни информации и најбитното дали имаат температура и симптоми на корона вирусот. По разговор со нас, пациентот со негативни епидемиолошки податоци влегува со еден придружник, ако се деца или им треба помош, но откако претходно ќе се дизенфицира. Предложивме едно од трите амбулантните возила, кое е опремено со апарати и материјали за третман, да биде приемна амбуланта за фебрилни состојби. Со тоа возило би се транспортирале и потврдените случаи. За потенцијално позитивните случаи соработуваме со епидемиолошката служба и Заводот за јавно здравје и инфективното одделение.

Тешко ли е да се биде лекар деновиве, и тоа во првите редови на интервенција?

-Би било полесно кога би ја добиле поддршката од луѓето, кои пред да не’ повикаат, да размислат дали сами можат да си помогнат.Најважно од се е да даваат точни податоци во нивните јавувања како и да ги слушаат и спроведуваат нашите совети и препораки. Добро би дошла и поддршката од матичните доктори. За време на викендите не работат, и во сабота и недела имаме и по сто пацинети со инјекции, кои доаѓаат од матичните доктори. Но и пациентите да сфатат дека, треба прво да се јават кај матичните доктори за совет и информации затоа што матичните лекари имаат за секој свој пациент податоци за здравствената состојба, хроничните болести и терапија. Ние немаме такви податоци за секој пациент. И не може пациент да е дојден пет до десет пати во месецот во Итната помош и ниту еднаш во тек на месецот кај матичниот доктор и сето тоа да е итна состојба и оправдано оптоварување на службата за Итна медицинска помош.

Дали корона вирусот вас, како доктор ви го смени животот?

-Епидемијата ми го ограничи и намали движењето, што не ми паѓа тешко. Но, најтешко ми е што не можам да го видам мојот внук кој сега има пет и пол месеци и секој нов ден има нови промени кај него. Иако живееме во ист град, не сум го видела повеќе од две недели од претпазливост кон него. А и да останеш дома и не е така лошо во денешното дигитално време на интернет и технологија, за разлика од не така дамнешните времиња, кои не ги знаат денешните млади генерации. Имавме телевизија до 22 часот навечер, два-три ТВ канали, а и имавме и периоди кога недоставуаа одредени продукти. Сега имаме се’. Сега ние треба да се покажеме и заеднички да одговориме на оваа не до крај дефинирана закана по здравјето и животите на луѓето. Треба само да се придржуваме до мерките и да останаме дома.