Претседателот на Србија Томислав Николиќ, по синоќешната неофицијална најава дека има намера повторно да се кандидира за шеф на државата, денеска изјави дека и понатаму чека договор со премиерот на земјата, Александар Вучиќ, кого врвот на неговата партија – Српската напредна странка (СНС) го предложи за претседателски кандидат. Вучиќ сè уште не излегол со став околу ова прашање.

– Јас и понатаму чекам договор со Александар Вучиќ. Пред тоа нема да носам никаква одлука и во своите изјави никого нема да го ставам пред свршен чин – вели Николиќ за српскиот дневен весник „Курир“.

Српските медиуми пишуваат дека по синоќешната најава на Николиќ дека има намера да се кандидира за претседател на земјата, комуникацијата меѓу него и Вучиќ „целосно пукнала“ и дека српскиот премиер нема намера ниту да го бара Николиќ, ниту да одговара на неговите повици.

Николиќ изминатите месеци не криеше дека сака уште еден претседателски мандат. Српските медиуми денеска пренесуваат дека тој од Вучиќ наводно го барал челното место во СНС и во владата, во замена за поддршка на неговата (на Вучиќ) кандидатура за претседател. Вучиќ, како што наведуваат медиумите, не го прифатил предлогот и свикал седница на претседателството на СНС, на кое едногласно било предложено тој да биде кандидат на партијата за претседател на Србија.

Главниот одбор на СНС утре треба да ја донесе конечната одлука за кандидатурата на Александар Вучиќ на претстојните претседателски избори во Србија.