Никој не чувствува одговорност што Албанија е на исток, Бугарија на запад, а Монт Еверест е висок 29.035 метри

Мапа: maps.google.com

Сè уште е важечки и не е повлечен од употреба учебникот во кој, меѓу останатото, пишува дека С. Македонија на исток се граничи со Албанија, на запад со Бугарија, а највисоката точка на Земјата е Монт Еверест со 29.035 метри надморска. Додека се чека членовите на најновата формирана комисија да предложат корекции на постојниoт или изработка на нов учебник по Историја и општество за петто одделение, речиси сите засегнати си ја префрлаат одговорноста за погрешната содржина.

Учебниците во наставата се основа за квалитетен воспитно-образовен процес, а погрешните информации можат да нанесат непроценлива штета. Сепак, и покрај тоа што согласно Законот за учебници, секое учебно помагало поминува низ „многу раце“, речиси сите засегнати си ја префрлаат одговорноста за тоа што на крајот, во илјадници примероци е испечатен учебник полн со грешки.

МОН: Проблемите требало да се решат со Националната комисија за учебници

Во Министерството за образование и наука, последно најавија дека ќе се формира комисија која ќе предложи корекции на постојниот или пак, изработка на нов учебник по овој предмет. Оттаму оценија дека ова не смеело да се случи и дека сите проблеми кои настанале при изработката на учебникот, авторите и рецензентите требало да ги надминат со Националната комисија за учебници која е надлежна за спроведување на процедурата за одобрување на учебници.

„Во случајов, тие одлучиле учебникот со грешки да биде прифатен“, рекоа оттаму.

Авторките: Грешките не се забележани 

Со заедничко соопштение се огласија и авторките на учебникот Гликерија Илиоска и Анита Ангеловска, во кое велат дека навистина жалат што во нивните напори да не испуштат нешто суштинско, пропуштиле да поминат вакви „технички грешки“.

„Веднаш по печатењето на финалната верзија на учебникот, ги забележавме грешките, кои се настанати во текот на неговата финална подготовка, кои за жал, не се забележани, и покрај тоа што учебниците ги поминаа сите филтри, кои се законски предвидени“, рекоа тие.

Тие наведоа дека истите грешки ги има и во учебникот преведен на албански јазик, кој е споделен во електронската верзија. Веднаш по констатираните грешки, писмено се обратиле до надлежното министерство за да се направат исправки, барем во електронските верзии на учебниците.

Национална комисија: Ние не ги читаме учебниците 

Откако Националната комисија за учебници излезе со реакција дека тие не ги разгледуваат учебниците, Мета.мк ја праша првата жена на комисијата, проф. д-р Јована Лазаревска од Филолошкиот факултет, во што се состои функцијата на Комисијата ако нејзините членови немаат ингеренции да ги разгледуваат учебниците.

„Откако ќе ни испратат стручни мислења Биро за развој на образованието или Центарот за средно стручно образование, ние ги анализираме нивните мислења, дали се темелно направени и поткрепени со соодветни аргументи, дали има забелешки и препораки по однос на ракописите. Учебници не разгледуваме“, вели проф. Лазаревска.

Според неа, одговорност треба да понесат авторите, а не само рецензентската комисија. При поднесување на ракописите, авторите би требало да достават потпишани изјави во кои под полна морална и материјална одговорност ќе изјават дека ракописите се проверени, не се плагијати и сите преземени информации се референцирани, а, секако, потребна е и стручна лектура.

Што сега? 

Случајот со грешките во учебникот по Историја и општество, покажа дека како да е бадијала тоа што постојат толку филтри (автори, лектори, рецензенти, Национална комисија за учебници), штом се провлекуваат вакви грешки и олку на број во само еден учебник.

Лазаревска вели дека рецензентските комисии и БРО внимателно треба да ги изготвуваат рецензиите и мислењата и заедно со авторите да бидат одговорни во случај на повлекување на учебници поради сериозни и очигледни грешки во стручното вреднување на ракописот за учебник.

„МОН како главен носител на реформите во образованието да обезбеди соодветни услови за изготвување на учебници како што се реални временски рокови за пишување и рецензирање на ракописите за учебници, соодветен финансиски надомест за авторите, тимовите и рецензентите. На пример, временскиот период за пишување на рецензија за еден или повеќе пријавени ракописи за еден предмет од основно или средно образование е 14 дена, а понекогаш стручните тимови се задолжуваат да изготват рецензии во рок од 7 дена. За споредба, рецензентските комисии на универзитетите имаат рок од 3 месеци за да напишат рецензии за учебници, докторски дисертации“, објаснува Лазаревска.

Египетскиот календар не е лунарен, туку соларен 

Во учебникот има неточни тврдења во темата „Население и континенти“, но и очигледно лошо преведени информации. Така, наведено е дека на исток нашата земја се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија. Освен тоа, пишува дека Монт Еверест е највисока точка на земјата со висина од неверојатни 29.035 метри надморска височина, а најниска точка дека е Мртвото море кое е „повеќе од 1.400 метри под морското ниво“. Освен тоа, има и многу јазични и правописни грешки, а пример за тоа е реченицата „Австралија е најмалиот континент и е единствена во светот која е составена само од една држава“.

Реагираа и членовите на Здружението на историчари на Македонија. Оттаму во соопштение до јавноста наведоа дека во учебникот се направени редица пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла и дека се наведени повеќе погрешни информации.

„Ако овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците“, нагласија тие.

Тие навеле повеќе од 12 грешки, меѓу кои и тврдењето во учебникот дека „Египетскиот календар е лунарен“ на (стр. 120), а всушност, египетскиот календар е соларен. Потоа, на страница 141 пишува дека Римскиот колосеум „потекнува од пред 72 година од н. е.“, а всушност, изградбата на Колосеумот започнала околу 72 година од н. е. и била завршена за осум години.

„Потоа, во учебникот пишува: „Марија Кири – полска научничка добитничка на две Нобелови награди за наука.“ (стр. 116). Марија Кири двапати ја добила Нобеловата награда, и тоа за хемија и за физика. Не постои „Нобелова награда за наука“, потенцираа во Здружението.