Никако да започне чистењето на дивите и општинските депонии во Источниот и Североисточниот регион

Фото: Мета.мк

Од март преку април до септември. Ова беа досегашните ветувања за почеток на чистењето на дивите и општинските депонии што се лоцирани во Источниот и Североисточниот плански регион. И по поминати неколку месеци, од Министерството за животна средина и просторно планирање нема прецизна информација за тоа кога официјално ќе почне затворањето на општинските депонии во 18-те општини од двата региона, како и на отпадот расфрлан по 30-тина ѓубришта.

Од надлежното министерство за Мета.мк информираат дека проектната документација за чистење и рекултивација на локациите е доставена до Секторот за централно финансирање и склучување договори на Министерството за финансии (CFCD), од каде согласно процедурите на ЕУ, се чека одобрување.

„Без завршување на оваа административна постапка невозможно е да се пристапи кон започнување на предвидените активности“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Инаку, последното ветување дадено кон крајот на август беше дека целокупниот процес ќе стартува во септември.

Владата ја донесе одлуката за отпочнување на постапката за чистење и рекултивација на депониите уште на 18 јули годинава, откако претходно беа избрани германска и турска компанија кои ќе го отстрануваат ѓубрето од локациите на досегашните депонии и ѓубришта.

Планираниот рок за извршување на целиот проект е една година, додека во него е предвидено да се инвестираат околу 10 милиони евра. Чистењето и рекултивацијата на депониите е дел од имплементацијата на регионалниот систем за управување со отпад за Источниот и Североисточниот плански регион, која што треба да биде крунисана со изградба и пуштање во употреба на современа регионална депонија по стандарди на ЕУ во општина Свети Николе.

Покрај отстранувањето на отпадот од општинските депонии и ѓубриштата, јавните комунални претпријатија ќе имаат обврска за одржување на овие локации, за што се потпишани и договори со нив. Локациите каде досега се трупаше отпад ќе бидат оградени, а овие претпријатија ќе мора еднаш годишно да вршат мониторинг на квалитетот на подземните води и визуелна проверка на теренот.

Исто така, тие ќе треба да ги одржуваат каналите за атмосферски води на затворените локации. Планирано е два пати годишно да се врши сечење на тревата и топографско набљудување во однос на слегнување на телото на депонијата и стабилноста на прекривката.

По осмата година од затворањето на депониите, општините преку јавните претпријатија се должни еднаш годишно да продолжат со мониторингот на подземните води и топографското набљудување на депониите.

Затворањето на депониите и ѓубриштата во Источниот и Североисточниот плански регион ќе се одвива во две фази. Во Источниот регион се регистрирани вкупно 12 несоодветни општински депонии и 72 диви ѓубришта, додека во Североисточниот регион има вкупно шест нестандардни општински депонии за чистење и 32 диви ѓубришта.