Тридесет и едно цивилно лице е спасено откако претходно било држено како заложник, по вчерашниот напад на црква во северозападна Нигерија, соопшти армијата, пренесува „Би-Би-Си“.
Како што се пренесува, пет други лица загинале кога вооружени напаѓачи упаднале на велигденската прослава во црквата во Арико во државата Кадуна, според соопштение од безбедносните сили. Локален црковен службеник навел дека бројот на загинати е седум.
Армијата соопшти дека војниците влегле во „жестока престрелка“ со напаѓачите, принудувајќи ги да побегнат и да ги остават заложниците и телата на жртвите.
Нападите и киднапирањата се чести во северна Нигерија, каде државата се соочува со закани од џихадистички групи и вооружени банди.
Иако армијата тврди дека брзо реагирала по вчерашниот напад, локалните медиуми известуваат дека според жителите, напаѓачите дејствувале подолго време.
Армијата ги повикува граѓаните да споделуваат информации што можат да помогнат во операциите против групите што ја поттикнуваат несигурноста низ целата земја, пренесува „Би-Би-Си“.
