fbpx

„Ние одлучуваме“: Граѓаните немаат доверба во институциите кои треба да обезбедат услови за фер и демократски избори

-

Досега се регистрирани 30 пријави од граѓаните поврзани со изборни нерегуларности и притисоци, соопшти денеска на прес-конференција правниот тим што работи на бесплатната СОС-линија 0800 88 888 за пријава на изборни нерегуларности во рамки на граѓанската акција „Ние одлучуваме!“.

Како што соопштија од „Ние одлучуваме“, мнозинството од пријавите се однесуваат на пријави од граѓаните за постоење фантомски гласачи во избирачкиот список, односно непостоечки лица запишани во избирачкиот список.

„По укажаната правна помош на граѓаните од наша страна, забележавме неподготвеност на надлежните институции за брзо евидентирање и отстранување на овие т.н. фантомски гласачи. Граѓаните кои имаа волја да помогнат во отстранувањето на фантомските гласачи од избирачкиот список, што е неопходно за да придонесе за одржување веродостојни парламентарни избори, беа изложени на постапка спротивна на одредбите од Изборниот законик. Моментално, избирачкиот список е затворен. За пет дена ќе се одржат предвремените парламентарни избори. Нашиот заклучок е дека избирачкиот список останува непрочистен од непостоечки гласачи, т.н. фантомски гласачи“, велат од „Ние одлучуваме!“.

Од граѓанската акција велат дека и по затворањето на избирачкиот список, сè уште добиваат дојави од граѓани за случаите со фантомските гласачи кои биле пријавувани во ДИК, а по кои комисијата нема постапувано.

„Во последните 24 часа, имаме пријави дека граѓани кои биле на избирачкиот список, а тоа го провериле по завршувањето на јавниот увид, сега при повторна проверка не се пронашле на избирачкиот список објавен на интернет. Апелираме до надлежните институции да поднесат кривични пријави против Државната изборна комисија за злоупотреба на службена положба и овластување. Основата на кривичната одговорност на ДИК е што таа со своето несовесно работење и непостапување по барањата на граѓаните за бришење на непостоечките гласачи од избирачкиот список, ќе придонесе за евентуалното остварување на гласачкото право на лица кои го немаат тоа право“, велат од „Ние одлучуваме“.

До граѓанската акција стигнале и пријави од вработени во државните органи кои тврдат дека им се вршело притисок да присуствуваат на митинзи на политичките партии, а има случаи за обид за поткупување на гласачите.

„Јавувачите тврдат дека одредени групи се таргетирани од страна на политичките партии и им нудат пари за да гласаат за нивната партија. Поради страв дека ќе им го дознаат идентитетот и ќе трпат штетни последици за себе или своите блиски, овие граѓани сакаа да останат анонимни и не сакаат да пријават во полиција“, велат од „Ние одлучуваме“.

Од граѓанската акција велат дека од досегашната работа заклучиле дека граѓаните немаат доверба во институциите кои треба да обезбедат услови за фер и демократски избори.

„Дури и кога решаваат да поведат постапка пред релевантните институции, граѓаните се препраќаат од една институција до друга и по нивните барања воопшто не се постапува. Граѓаните во голема мера се исплашени и наместо институциите да ги заштитат нивните права, ги оставаат граѓаните да трпат притисоци и закани од политичките партии. Ние како правен тим на СОС-линијата сме отворени да им пружиме помош на граѓаните за заштита на нивните права во текот на овој изборен процес и ги охрабруваме да продолжат да се јавуваат и да ги пријавуваат изборните нерегуларности и притисоци. Истакнуваме дека на денот на изборите ќе обезбедуваме правна помош од 7 часот наутро па сè до 20 часот вечерта, по затворањето на избирачките места“, велат од „Ние одлучуваме“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со манипулативни изменети видеа се исмеваат францускиот и украинскиот претседател

Првото видео наводно го прикажува Макрон меѓу млади посетители во ноќни клубови кои танцуваат во стилот на 80-тите години. Станува збор за манипулирана верзија на клип на кој се...