За време на кампањата на последните локални избори градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски вети изградба на базени во склоп на пет основни училишта низ општината. Три години подоцна, нема ниту план за изградбата на базените во основните училишта: ООУ „Петар Поп Арсов“, ОУ „Војдан Чернодрински“, ОУ „Владо Тасевски“, ООУ „Димо Хаџи Димов“, како и ОУ „Аврам Писевски“, пишува Вистиномер.
Во продолжение ви го пренеуваме текстот во целост:
Ветување: Спорт и рекреација: Базени за пливање во неколку основни училишта
Изградба на затворен пливачки базен во ООУ „Петар Поп Арсов“ (стр. 14)
Затворен пливачки базен во ОУ „Војдан Чернодрински“ (стр. 16)
Затворен пливачки базен во ОУ „Владо Тасевски“ (стр. 24)
Изградба на затворен базен во ООУ „Димо Хаџи Димов“ (стр. 30)
Изградба на затворен пливачки базен за деца во ОУ „Аврам Писевски“ (стр. 34).
[Извор: Програма на Стевчо Јакимовски „Моќен сојуз. Јас и Вие!“; датум – 13.10.2021]
Образложение:
„Таткото“ на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во својата предизборна програма: „Моќен сојуз. Јас и Вие!“ вети дека ќе изгради пет затворени пливачки базени во склоп на пет основни училишта низ општината – ООУ „Петар Поп Арсов“, ОУ „Војдан Чернодрински“, ОУ „Владо Тасевски“, ООУ „Димо Хаџи Димов“, како и ОУ „Аврам Писевски“. Со оглед на тоа што досега (26.11.2024) не е најавено започнување на изградбата на ниту еден од базените, ова ветување го оценуваме како неисполнето.
Откако Јакимовски повторно победи на локалните избори во 2021 година и стана по четврти пат градоначалник на општината, не може да се најде ниту една вест или објава во која се најавува започнувањето на изградбата на базените.
Сакајќи да потврдиме дали се започнати некакви активности околу изградбата на базените во петте општински училишта, телефонски се обративме до сите пет основни училишта. Од сите училишта одбија да ни одговорат дали во нивното училиште е започната изградбата на базените, дали е планирано да се гради ваков објект и дали воопшто се дискутирало за ова прашање? Неофицијално дознавме дека во изминатите 3 години ниту еднаш не било споменато такво нешто, а камо ли да биде започната изградбата.
Вистиномер на терен, при посета на споменатите училиштата се увери дека таму нема изградено нови или некакви доградени објекти во кои би можело да се сместат затворени пливачки базени.
Дополнително, при теренската посета на училиштата разговаравме со родители чии деца ги посетуваат училиштата, како и жители од населбите во кои се сместени училиштата. Сите ни потврдија, дури некои и со потсмев, дека базени нема. Се обративме и во самата Општина да ги прашаме до каде е реализацијата на ветениот проект, односно планот за изградба на базените. Но, до објавување на текстот, оттаму сè уште немаме добиено одговор.
Според сето изнесено погоре, можеме да заклучиме дека предизборното ветување на градоначалникот Стевчо Јакимовски за изградба на пет базени во пет општински основни училишта, досега (26.11.2024) не е исполнето.
Извори:
(13.10.2021) Предизборна програма: Стевчо Јакимовски – [проверено на 26.11.2024]
(01.11.2021) Призма: Стевчо „згрми“ во Карпош – [проверено на 26.11.2024]
(26.11.2024) Тајм.мк: Владо Тасевски – [проверено на 26.11.2024]
(26.11.2024) Тајм.мк: Војдан Чернодрински – [проверено на 26.11.2024]
(26.11.2024) Тајм.мк: Петар Поп Арсов – [проверено на 26.11.2024]
(26.11.2024) Тајм.мк: Димо Хаџи Димов – [проверено на 26.11.2024]
(26.11.2024) Тајм.мк: Аврам Писевски – [проверено на 26.11.2024]
Оцени: Матеј Тројачанец