Независниот синдикат се жали дека не се набавуваат униформи, МВР демантира


       
Скопје, 12 октомври, 2018 - 14:42 (META) 

Независниот синдикат на полицијата денеска повторно се пожали дека полициските службеници не добиле униформи, по што реагираше Министерството за внатрешни работи (МВР), велејќи дека постапките течат, а дел од униформите и опремата се веќе набавени.

Претседателот на синдикатот, Гоце Делчев Тодев, пред Министерството за внатрешни работи рече дека полициските службеници сами се снаоѓаат и шијат или купуваат униформи од дивите пазари.

Од Синдикатот денеска му дадоа јавна поддршка на министерот за внатрешни работи кој обелодени дека во Министерството за внатрешни работи се откриени 40 лица кои биле вработени со фалсификувани дипломи и побараа од него вработување на соодветни кадри.

– Му даваме јавна поддршка на минитерот и како Независен синдикат на полицијата бараме лица со соодветни дипломи на соодветни работни места согласно интерни огласи кои мора да бидат така покриени за да нема лица со фалсификувани дипломи – изјави Тодев.

По обвинувањата од Независниот полициски синдикат, реагираше МВР, категорично отфрлајќи ги како неточни изнесените тврдења за неспроведување на набавки.

Во демантот се вели дека со Планот за јавни набавки на МВР, за 2018 година предвидени се вкупно 18 постапки за набавка на униформа и делови на униформа, кои Одделот за општи и заеднички работи при МВР ги има започнато.

Се вели дека е завршена набавката на комплет униформи на  ЕСЗ за урбани средини, како и комплет униформа за рурални средини; ремени за сите  полицајци, комплет униформа за воздухопловниот персонал, а до крајот на овој месец ќе се набави зимска опрема за сообраќајната полиција која треба да биде испорачана до крајот на овој месец. Се нагласува и дека постапките за набавка на високи специјални чизми и маици за припадници на МВР се во тек  и треба да завршат до крајот на годината.