Фото: Арбнора Мемети

На независниот кандидат за градоначалник, Трајче Митев му требаат уште седумдесетина потписи до потребните 250, кои треба да ги собере до ноќеска до полноќ. Тогаш истекува законскиот рок, до кога листите на групи избирачи имаат можност да собираат потписи, а со тоа да влезат во трката за градоначалник на претстојните Вонредни локални избори во Штип, закажани за 13 декември. Од седиштето на Државната изборна комисија во Штип соопштија дека во изминатите 15 дена потписи се собираат само за еден независен кандидат, т.е. за листата на избирачи, предводена од Трајче Митев.

 Предлагачот на листата, Јанко Станковски изјави дека има доволно време до полноќ да се соберат неопходните потписи.

– Немавме некоја широка јавна кампања, туку повикавме проверени луѓе, кои ги знаеме да дојдат и да се потпишат – изјави Станковски.

Доколку успее да ги собере потребните потписи, на Трајче Митев ова ќе му биде втора независна кандидатура, по Локалните избори во 2005 година.

Митев е граѓански активист, кој заедно со подносителот на листата, Јанко Станковски, го предводеа движењето против монополот на Македонски телеком, познато како „Пружи отпор кажи не“.

На 7 ноември се очекува да се знаат имињата на партиските кандидати, кои ќе се обидат да ги освојат Вонредните локални избори, каде ќе се избира градоначалник на местото на Благој Бочварски, кој стана министер за транспорт и врски.

Интересно е дека се зборува за сè поизвесна пратеничка трка за освојување на градоначалничкото место, меѓу Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ, за кого има неофицијална потврда и Сашко Николов, актуелен пратеник од редовите на СДСМ.

Од СДСМ најавуваат од утре почнува внатрепартиското предлагање, додека текот на утрешниот ден ќе биде објавен и јавен повик за натпартиски кандидат, кој ќе понуди програма прифатлива за владејачката партија.

Новоизбраниот градоначалник на Штип ќе го води градот само девет месеци, до редовните локални избори, кои се планирани да се одржат во земјава наредната есен.