ФРОДЕМ и членови на внатрепартиската иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ денеска објавија дека ќе настапуваат како фракција во ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, така ќе и помогнат на партијата да стане вистинска и реална опозиција, со свои конкретни ставови, принципи, идеологија и политики, за бргу со ново и демократски избрано раководство од членовите на партијата да се врати како победник. Сметаат дека сега ВМРО-ДПМНЕ и партиското раководство се заробеници на поранешните партиски водачи.
– Причина повеќе за јавно дејствување како фракција е фактот дека ова наметнато раководство сè уште е во закрила и во стегите на поранешните партиски функционери, без разлика на јавното глумење за некаква реформа и демократизација – вели Љупчо Алексовски од ФРОДЕМ.
Ѓулистана Марковска, пратеничка од првиот парламентарен состав од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, побара јавно од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да го промени статутот, како што најавувал по неговиот избор, со кој ќе се овозможи незадоволните членови во партијата да може да дејствуваат како фракција.