Големото невреме што го зафати тетовскиот регион однесе неколку жртви. Полицијата потврди дека едно дете во Голема Речица е удавено од излеаните планински реки додека си играло во својот двор. Од ерозија на земја во селото Шипковица, според првични и неофицијални информации на полицијата, починале четири лица.
Временската непогода што го зафати Тетовско, уништи и однесе повеќе мостови, а блокирани се неколку патни правци, меѓу кои и магистралниот пат Тетово – Јажинце. Отсечени се и неколку села.
Најлоша е состојбата долж текот на Пена, која се излеа во долниот дел на Тетово и носеше сè пред себе. Однесени се контејнери, има откорнати дрвја и покриви, а повеќе домови се под вода.
– Ова е катастрофа, ужас, големи штети претрпевме. Целата куќа плива во вода. Сè се случи за 15 минути, одеднаш се излеа коритото на Пена – вели еден тетовец, кој живее покрај реката.
Тетовци велат дека надлежните не ги чистат редовно речните корита, што денеска резултираше со излевање на водите од реките.
– Повеќепати сме алармирале да се чисти коритото на река Пена, но залудно. Нивото на водата во оваа река е секогаш на критична точка, но Општината нема слух, па поради тоа ни се случи оваа катастрофа – вели една тетовка.
Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека наносите од кал, дрва и од камења се расчистуваат со 10 машини, кои ќе продолжат да го расчистуваат теренот во текот на целата ноќ.