Попладнево почна невреме во земјава, кое засега има зафатено само одредени делови од Скопскиот регион. Во скопската населба Чаир екипата на Мета.мк беше сведок на откорнати дрва и вода по улиците. Населбата мисира на фекалии, со оглед на тоа што атмосферската вода се слева во канализацијата.
Оштетени се и повеќе возила од гранки, но и од откорнати делови од фасади на згради кои завршија врз шофершајбни на автомобили. Улицата „Крсте Асенов“ во еден дел не е проодна бидејќи ја блокира огромна искршена гранка.
Интензивни врнежи има и во Радишани и Драчево.
Од Центарот за управување кризи предупредија дека нестабилна облачна маса од територијата на Косово се префрла кон Македонија и се очекува да го зафати подрачјето на Скопската котлина, особено нејзиниот источен дел, како и Кумановскиот регион.
„Проследена е со електрични празнења, пороен дожд, силен ветер и можна појава на град“, предупредуваат од ЦУК.
Оттаму велат дека стигнаа четириесетина меилови со поплаки од граѓани од кои 30-тина се однесувале на паднати дрва на различни локации во градот кои го попречуваат движењето на граѓаните и одвивањето на сообраќајот, паднати бандери со струјни и телефонски кабли. Сите меилови биле препратени до дежурниот во ЈП „Паркови и зеленило“, диспечерскиот центар на ЕВН Македонија, А1, Телекабел и Телеком.
По информацијата добиена од дежурниот во ЦУК за паднат камион товарен со дрва во канал во Радишани и остварениот контакт со дежурниот во шумска полиција, од ЦУК добиле информација дека се запознаени со случајот и се во кординација со полициската станица Чаир и се врши увид на самото место на несреќата.
„По завршениот увид од страна на шумската полиција возилото товарено со дрва ќе биде извлечено од каналот и транспортирано до Агенцијата за управување со одземен имот“, информираат од ЦУК.
Прогнозите се дека од утре продоложува „портокаловата фаза“, кога УВ индексот ќе биде 10. Во вторник и во среда се очекуваат температури кои ќе достигнат и до 43 степени, а од четврток се очекува намалување на температурите.