(Не)вработени млади: отпуштања среде пандемија, пониски плати и недоволна информираност за работничките права

Photo by Christian Erfurt on Unsplash

Здравствено – економската криза предизвикана од пандемијата со ковид-19 има сериозни импликации, како на глобално, така и на национално ниво. Оваа криза не само што не ги одбегна младите лица, туку истите силно ги погоди, со што ги доведе на врвот на категориите на ранливи групи на лица. Стапката на младинска невработеност во државата изнесува 39,2 проценти, што е меѓу највисоките во Европа и истата постепено се зголемува.

Во април минатата година, на почетокот на Ковид-19 пандемијата, Димитар Митровски останал без работа, откако компанијата каде работел, по шест месеци не му го продолжила договорот кој бил потпишан на определено време. Тој има 25 години и е дипломец на отсекот квалитет и безбедност на храна на Факултетот за земјоделски науки и храна.

И после една година, Димитар денес активно аплицира на огласи за вработување и вели дека сака да најде работа која ќе му понуди прифатливи услови, по можност на неговата струка.

„Сега повторно сум во потрага. Бев на повеќе од 10 интервјуа, некои потоа не ми се ни јавија, а некои нудеа неповолни услови за работата и обврските“, вели Димитар.

Неговата судбина ја делат илјадници млади луѓе во државата. Од почетокот на здравствената криза во март 2020 година, без работа и егзистенција останале 18.266 лица, а речиси 34 отсто од нив се млади под 29 години, не сметајќи ги лицата кои работат во неформалната економија. Секој четврти човек кој останал без работа во државата е млад човек, а негативна е и ситуацијата на глобално ниво, каде секое шесто младо лице, според Меѓународната организација на труд, го загубило своето работно место од почетокот на здравствената криза. Во октомври минатата година, Организацијата за економска соработка и развој предупреди дека цела генерација млади луѓе во Европа е под ризик да не фати чекор, бидејќи работодавачите ги стопирале плановите за вработувања за време на пандемијата.

Дискриминација на младите на работните места

Согласно податоците од Агенцијата за вработување, бројот на невработени млади лица на возраст од 15 до 29 години во месец март изнесувала 22,5 отсто од вкупниот број на невработени.

Според Сојузот на синдикати на Македонија, најголемиот дел од младите кои го загубиле своето работно место имале договор за вработување на определено време, што покажува дека младите се една од најранливите категории на лица и кога станува збор за работничките права. Тие неретко работат на црно, земаат пониски плати од останатите и работат на понесигурни работни позиции.

Во Македонија, поголемиот број од младите луѓе се чувствуваат како маргинализирана група на лица за која никој посебно не води грижа за нивните проблеми и препреки со кои се соочуваат, вели Ирена Ивановска од Секцијата на млади при ССМ.

„Се наоѓаме во време кога младинската невработеност изнесува 39,2 отсто, во време кога 41.056, односно 32 отсто од младите лица работат во неформалната економија, заработуваат плати пониски од останатите вработени кои извршуваат иста работа со исти работни задачи, во време кога младите работат подолги часови од договореното, кога имаат договори на определено и кога половина од нив, односно 53 отсто, се решени да ја напуштат земјата“, вели Ивановска.

Ивановска додава дека обесхрабрувањето на младите произлегува од сложената економска состојба во државата, дополнително отежната со почетокот на здравствената криза. Недостатокот на работни места, понудата на работа која не одговара на квалификациите и ниските плати, се реалност со која се судруваат младите уште на почетокот на нивното работно ангажирање, а истите продолжуваат и на самите работни места.

Иста работа, пониски плати

Кога станува збор за младите и нивната инклузија на пазарот на трудот, Ивановска вели дека многу често, поплака од работодавачите е дека младите лица немаат доволно искуство за одредени работни места.

„Тука се појавува проблемот со стекнувањето искуство и практиканството кое треба да биде една почетна основа за понатамошен развој и напредок во кариерата на секој млад човек. Напредокот во кариерата и професионалното доусовршување не е секогаш приоритет на работодавачите или пак често пати сметаат дека младите лица треба сами да се надоградуваат и усовршуваат, бидејќи тоа не е нивна обврска“, објаснува Ивановска.

Илустрација: Гоше Николов

Во документот „Млади во криза 2.0“ се забележува дека, во кризата, 37 отсто од младите имале примања под минималната плата. Неретки се случаите кога работодавачите, при вработување на младите лица им даваат пониски плати од оние на повозрасните лица кои работат на исти позиции.

„Како што не може да има дискриминација помеѓу мажи и жени на работното место, исто така не може да има дискриминација помеѓу млади и повозрасни работници“, вели Ивановска.

Друг проблем е што договорите за вработување на младите лица најчесто се потпишуваат на определено време од еден, три или шест месеци и се продолжуваат до максималниот период на дозволено времетрање од пет години. Немајќи алтернатива за работа, младите се принудени да ги прифаќаат овие услови.

„Затоа ние како Секција на млади при ССМ, бараме од социјалните партнери, односно се залагаме преку Сојузот на синдикатите на Македонија, кој е еден од нив, во новиот Закон за работни односи ваквото ограничување од 5 години да се намали на 1 година, по што би следела трансформација на работниот однос од определено на неопределено време и на таков начин младите лица ќе добијат една сигурност во креирање на нивните идни планови за независност, осамостојување, планирање на семејство, решавање на станбено прашање и слично“, вели Ивановска.

Недоволна информираност на младите за нивните работнички права

Намалувањето и ограничувањата на правата на младите вработени лица произлегува од нивната недоволна информираност за правата од работен однос. До ССМ стигнувале голем број на анонимни пријави за нарушени работнички права, а најголемиот дел од нив биле од работници кои не се синдикално организирани, што ја отежнува работата со нивната заштита.

„Најчесто се кршат работничките права на лицата кои не се синдикално организирани и обучени. Младите работници, и работниците воопшто без оглед на возраст, кои се синдикално вклучени имаат сознанија за тоа кои се нивните права согласно закон и колективен договор и која е постапката за нивна заштита и унапредување. Став на СМССМ е дека синдикално организираните работници се услов за перспективен развој на социјалниот дијалог во државата во сите области на општественото живеење“, вели Ивановска.

Таа додава дека во овие тешки и сложени општествени прилики се потврдил ставот од неопходната потреба за што помасовно синдикално организирање и здружување на работниците, а особено младите, за да можат да бидат целосно информирани, оспособени и вклучени во постапките за препознавање, заштита и унапредување на работничките права.

Ивановска упатува апел за приклучување на младите кон синдикатите затоа што само здружени, масовни и обединети, младите лица можат да ги остварат нивните права од работен однос.

СМССМ
фото: СМССМ

„Како членови на синдикатот, преку младинските синдикални секции во организацијата каде работат, на ниво на гранка и сојуз, ќе можат да ги дефинираат нивните специфични проблеми, да ги пронајдат и дефинираат вистинските начини и методи за преземање соодветни акции кои ќе можат да доведат до побрзи посакувани промени. Младите мора да знаат дека тие се единствените и најголемите генератори на промените. Без нивна храброст отворено да проговорат за проблемите со кои се соочуваат и нивна организирана борба, нема промена“, децидна е Ивановска.

Без решенија ќе се зголемат желбите за иселување и ќе се пополнат празнините на туѓите пазари на труд

Ивановска вели дека предизвиците што им претстојат на сите релевантни фактори во државата се големи и фокусот на сите – синдикатите, Владата и работодавачите, треба да биде насочен кон надминување на проблемите и вклучување на граѓаните, посебно младите, во сите процеси за креирање на иднината. Додава дека се потребни конкретни мерки за надминување на ситуацијата, а изолираните и импровизирани решенија може да доведат само до маскирање и пролонгирање на постоечките проблеми.

„Факт е дека здравствената криза која сѐ уште трае резултира со застој во реализацијата на планираното и предвиденото во оваа област, но тоа се предизвици со кои социјалните партнери ќе се соочуваат и во наредниот период и доколку не се преземат конкретни чекори во зачувување на работните места и за младите лица, дефинитивно во следниот период ќе ја продлабочиме уште повеќе оваа криза и единствена цел на младите ќе биде заминувањето од државата во потрага по подобар егзистенцијален живот“, вели Ивановска.

Младите лица кои сметаат дека им е нарушено одредено право можат да поднесат поплака до ССМ, преку електронската адреса [email protected], на телефонскиот број 070 818 878 или на новата мобилна апликација која овозможува полесен и поефикасен пристап до информации.