fbpx

Невладините реагираат: Државата догодина ќе скрати средства во 7 од 10 програми за здравствена заштита

-

И покрај значителното зголемување на државниот буџет планирано за 2023 година, здравствената заштита за превенција се намалува за дури една третина во споредба со претходните две години, а кратење има во дури 7 од 10 превентивни програми, алармираа денеска граѓанските организации ЕСЕ, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Платформата на организации за заштита од ХИВ на денешната конференција за печат што се одржа пред Собранието на Р.С. Македонија.

Во соопштението испратено од Здружението ХОПС – Опции за здрав живот се наведува дека кратења има во програмите за превенција на кардиоваскуларни болести, за организирање и унапредување на крводарителството, за превентивна здравствена заштита, за задолжителна имунизација, за спречување на бруцелозата, за спречување на туберкулозата, за заштита од СИДА и за активна здравствена заштита на мајките и децата.

„Вкупниот буџет на програмите за превентивна и за куративна здравствена заштита е на исто ниво како и оваа година, и покрај тоа што во 2023 година државниот буџет ќе биде најголемиот досега од осамостојувањето на државата. Наместо да расте правопропорционално со државниот буџет, буџетот на Министерството за здравство останува тукуречи непроменет и од 3 отсто, колку што изнесувал во периодот 2018 – 2020 година, следната година ќе претставува само 2,1 отсто од вкупниот буџет“, реагираат невладините организации.

„Пред две години, Комитетот на ООН за елиминација на дискриминацијата на жените (CEDAW) донесе одлука со која ја задолжи државата да обезбеди пристап до здравствени услуги за маргинализираните групи на граѓани, а наместо тоа само се намалуваат средствата за програмите кои ним им се наменети“, потсети Алмира Фаслији Муарем од Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“.

Потребата од адекватно финансирање на националните програми за ХИВ и за рана детекција на малигни заболувања се посочени и во неодамна објавениот Извештај на ЕУ за напредокот на земјата за 2022 година.

„Комитетот за правата на детето при ООН во септември 2022 година изрази загриженост во врска со константното намалување на инвестициите за здравствена заштита на мајките и децата во земјава, а само два месеци подоцна државата го намалува буџетот на Програмата за мајки и деца за 3 милиони денари. Од друга страна, се намалува и буџетот за Програмата за скрининг на малигни заболувања иако токму тие се меѓу водечките причини за смртност кај нас. Колку за пример, додека европските земји бележат опфат со скрининг за рак на грло на матка од над 75 отсто, кај нас опфатот се движи околу 28 отсто за три години“, изјави Борјан Павловски од Здружението ЕСЕ.

Андреј Сених од здружението на пациенти и Платформата за ХИВ посочи дека буџетот на Програмата за ХИВ е неопходно да се зголеми за да може сите пациенти да се покријат со терапија која овозможува целосно контролирање на вирусот и значи живот, а истовремено спречува вирусот да се пренесува понатаму.

Тие бараат од пратениците во Собранието, особено членовите на Комисијата за финансирање и буџет, да ги усвојат амандманите на предлог-буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година за Министерството за здравство, за кои веќе имаат доставено предлози и истите амандмани да бидат прифатени од Владата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...