Фондовите од општествено одговорните компании наменети за граѓанскиот сектор, недоволно се искористуваат од невладините организации. Причината лежи во бирократските процедури за донирање, со кои се соочуваат фирмите, но и во немањето доволно информации за можноста и за пристапот до ваквите донации од страна на невладините. Ова е ставот на стопанствениците и на невладините организации, учесници во проектот финансиска одржливот на невладините организации, кој денеска беше презентиран во Тетово.
– Ако компаниите се определат своите средства да ги донираат во граѓанскиот сектор, треба да имаат полиберални процедури, односно поедноставни административни процедури за донирање – вели стопанственикот Илир Идризи.
Од Стопанската комора на Северозападна Македонија, велат дека преку проектот финансиска одржливот на невладините организации, ќе се олесни пристапот до фондовите од бизнис-секторот.
– Со проектот ќе бидат опфатени околу 100 невладини организации од различни градови од Македонија. Се надеваме дека по реализацијата на проектот, невладините организации ќе имаат подобри и повеќе информации околу донациите кои можат да ги добијат општествено одговорните компании, што ќе овозможи во иднина да бидат финансиски одржливи – изјави Дриљон Исени, оперативен менаџер на Стопанската комора на Северозападна Македонија.