Невладините бараат владата да обезбеди услови за ромската заедница во време на пандемија

По повод Денот на Ромите (8 април) државни функционери и институции им го честитаа празникот на своите сограѓани Роми. Но, невладиниот сектор не ги заборави проблемите со кои се соочува ромската заедница, а се таложат веќе со години.

Од Институтот за истражување и анализа на политики – „Ромалитико“ велат дека според нивните сознанија од терен генерално ромската заедница е запознаена со мерките за спречување на корона вирусот, бидејќи покрај информациите коишто ги добиваат од медиумите и социјалните мрежи, голем број на информативни кампањи се спроведeни на терен од страна на општинските власти во некои општини и невладините организации.

„Резултатот од активностите е очигледно видлив, особено во општина Шуто Оризари каде што засега според официјални извори нема ниту еден заболен од Ковид-19, а веруваме дека и во другите општини состојбата е иста. Свесноста и претпазливоста  на ромската заедница од последиците на Ковид -19 исто така допринесе доброволно од нивна страна да се затвори пазарот во Шуто Оризари, иако за многу семејства претставува основен извор за нивна егзистенција, меѓутоа со овој потег покажаа дека нивното здравје и здравјето на нивните семејства е врвен приоритет“ – изјави Елвис Шаќири, извршен директор на „Ромалитико“.

Според последните податоци на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, во општина Шуто оризари нема заболени од корона вирусот.

Шаќири вели дека во моментов ромската заедница се соочува со големи проблеми како немање пристап до чиста вода и санитетски материјали, за кои се алармира подолго време, а сегашната состојба со Ковид-19 е показател колку е ранлива оваа категорија на граѓани кои живеат без основи услови за нормален живот.

„Ние како „Ромалитико“ дадовме препорака таму каде што е можно општинските власти да донесат вода преку мрежа додека пак таму каде што не е возможно, да се овозможи цистерни со чиста вода која што ќе доаѓа во ваквите места неколку пати во неделата. Позитивен пример за проблемот со пристап до вода е општина Прилеп каде минатата недела беше пуштена вода во неколку јавни чешми во Дебарца и Три багреми но исто така беше пуштена дополнителна количина на вода за да се задоволат потребите на ромското население од населбата Тризла. Затоа во следниот период после кризата, државата односно локалните власти треба пристапот до вода, струја, канализациона мрежа и патна инфраструктура до ромските населби да им биде врвен приоритет“, додава тој.

Шаќири посочува дека најголемата економска помош во овој момент, кај ромската заедница доаѓа од само организирањето на ромската дијаспора која донира финансиски средства, храна и хигиенски продукти.

„Дополнително, дел од ромските претприемачи коишто поседуваат вештини својот бизнис го префрлија на онлајн платформите меѓутоа нивниот број е релативно мал. Иницијативата за економски развој  на ромите – РЕДИ е во фаза на донирање на илјада заштини маски и ракавици на собирачи на отпад кои во овој период сеуште се на терен и отпадот го складираат во домашни услови бидејќи пунктовите за откуп се затворени.  Ние како здружение преку нашата иницијатива АВАЈА исто така понудивме помош во храна и хигиенски пакети во општина Дебар и сме во процес на помош во други 15 општини“, вели тој.

Од “Ромалитико“ се залагаат сите лица коишто по било кој основ имаат забрана да се пријавуваат во АВРМ или се избришани од евиденција, да се отстранат се со цел лицата да влезат во т.н брз влез во системот за социјална заштита, бидејќи сепак ваквата мерка и цел е финансиската помош да стигне до оние семејства коишто се најзасегнати во овој период.

„Дополнително во овој брз влез на социјална заштита треба да влезат и лицата без документи кој според официјални податоци изнесува 700 лица. Доколку не може да влезат во системот на социјална заштита поради немање на привремена лична карта којашто беше најавена од страна на владата, да им се дадат вредности ваучери во висина од 7000 денари или пак да им се обезбедат пакети со храна и средства за хигиена во овој кризен период“ – додава Шаќири.

Тој е дециден дека заедницата во оваа состојба може многу малку да направи без настапот на институциите, бидејќи економските мерки коишто се направени ги таргетираат регистрираните бизниси, додека пак ромската заедница во голем дел се вклучени во неформалната економија.

„Ромалитико“ заедно со „РЕДИ“ достави единаесет социјални и економски препораки до Владата со таргет на ромската заедница. Решенијата за да се надминат шоковите треба да ги опфатат сите граѓани вклучувајќи ги и собирачите на отпад и другите работници кои се дел од неформалната економија, сметаат тие. Како што велат, до сега немаат одговор од Владата.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, изјави дека Ромите се меѓу најранливите групи во состојба со пандемија во многу места низ Европа.