На иницијатива на десет мрежи на граѓански организации кои заедно обединуваат околу 100 здруженија и иницијативи, претставници на невладиниот сектор денеска одржаа протест пред македонското собрание. Граѓанските организации бараат итен избор и именување на кадар во повеќе институции и тела од страна на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Невладините организации бараат Собранието итно и најдоцна до пред неговото распуштање да ги започне постапките за избор и именување на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, на Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, на Судскиот совет, на Програмскиот совет на МРТВ, како и избор и именување на директори на Дирекцијата за заштита на лични податоци, Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер и Државниот завод за ревизија.
Граѓанските организации алармираат дека треба да се изберат и претставници на здруженијата на граѓани во надворешниот механизам за контрола врз полицијата при Народниот правобранител, како и да се именуваат членовите во Комисијата за доделување на државната награда „Мето Јовановски“.
– Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е едно од телата чијшто избор на членови се одолговлекува веќе повеќе од четири месеци. Крајниот рок за формирање на оваа Комисија беше 22 август, а мандатот на претходната Комисија престана во јуни 2019 година, а оттогаш во земјата нема тело за еднаквост– изјави Јована Јовановска Кануркова од Мрежата за заштита од дискриминација.
Од Платформата на граѓански организации за борба против корупција за време на денешниот протест изјавија дека предолго време Државниот завод за ревизија и Агенцијата за право на информации од јавен карактер се оставени без раководни структури, што е на директна штета на граѓаните, но и на институциите.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.