Граѓанските организации од земјава изразуваат загриженост за намалувањето на финансиите во секторот образование со ребалансот на овогодинешниот буџет. Образованието се наоѓа на третото место според висината на скратените средства со буџетскиот ребаланс.

Како што се наведува во соопштението на 14 граѓански организации, најмногу се крати во високото образование – 329 милиони денари, по што следува ставката „инвестиции во образованието“ – 218 милиони денари и ставката основно образование – 147 милиони денари помалку. Бирото за развој на образованието е предвидено да добие 18 милиони денари помалку, при што најголемиот дел од средствата се кратат од ставката „професионален развој на воспитно образовниот кадар во основното и средното образование“.

„Кој и како ќе го подобрува квалитетот на настава ако самите наставници не се поддржани за дополнителен професионален развој“, прашуваат од невладините организации.

Државата е на четврто место од дното на ранг – листата на меѓународното ПИСА тестирање кое ја мери употребливоста на знаењето на учениците. Родители самостојно бојосуваат училишни простории, а ученици собираат средства за тоалетна хартија и сапун. Државните студентски домови во Скопје добиваат само 61 денар за три оброци дневно по студент, се наведува во соопштението на граѓанските организации.

Од невладиниот сектор потенцираат дека со ребалансот на буџетот се кратат средства за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, студентски и ученички домови.

„Се поставува прашањето зошто ако веќе има простор за пренамена на средства од „образование“ во друг сектор, со нив не се затворат прашања што со години нѐ мачат? При планирањето на буџетот за следната година корисно би било Владата и Собранието да ги земат предвид мислењата на лица кои се секојдневно и директно инволвирани во овие прашања“, потенцираат од невладиниот сектор.

Реакцијата на граѓанските организации за ребалансот на буџетот е поддржана од Младински образовен форум, Фондација Отворено општество – Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Студентска организација при Правниот факултет „Јустинијан Први“, Здружение „Млади Европски Федералисти“ – Македонија, Фондација „Метаморфозис“, „Реактор“ – Истражување во акција, Здружение на граѓани „Ромаверзитас“, Сојуз на Извидници на Македонија, Центар за интеркултурен дијалог – Куманово, Национален младински совет на Македонија, Сојуз за младинска работа, „Чекор по чекор“ и ХЕРА асоцијација за здравствена едукација и истражување.